Светот „гори“, трговијата со оружје цвета
9 март 2020Светот гори, а глобалната трговија со оружје цвета. Ниту една земја не извезува толку многу воена опрема како САД. Ниту една земја не купува толку многу оружје како Саудиска Арабија. Ова се само две бројки од новиот извештај на Стокхолмскиот мировен институт, СИПРИ.
За споредба на петгодишниот период од 2015 до 2019 со периодот од 2010 до 2014 регистриран е пораст од 5% во светската трговија со оружје, а во споредба со 2005 до 2009, дури за 20%. Сепак има разлики во порастот на трговијата со оружје на регионално ниво. Иронично, во кризниот регион на Блискиот Исток во изминатите пет години за 61% е зголемена продажбата на оружје во споредба со претходното петолетие. Експертот од СИПРИ, Питер Вајцман во разговор за ДВ оценува дека е ова е „многу загрижувачко со оглед на големиот број конфликти на Блискиот Исток и опасноста од понатамошна ескалација, на пример, меѓу Иран и Саудиска Арабија."
САД се рекордери
Главен лиферант на оружје во светот и понатаму е САД. Извозот на оружје е зголемен на 23%, при што главен клиент е Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати на трето место. Според СИПРИ, вкупно една третина од целиот обем на трговијата со оружје потекнува од американски производители. Од една страна, нагласува Вајцман, САД имаат огромна воена индустрија која сакаат да ја искористат во полн капацитет. Од друга страна, продажбата на оружје е важен дел за надворешната и безбедносната политика на владата во Вашингтон. „Тие извезуваат оружје за да добијат пријатели и да си најдат сојузници – да осигураат дека ќе можат со други земји да спроведуваат воени операции,“ анализира експертот на СИПРИ.
Уделот на Русија паѓа, на Франција расте
Русија и натаму останува втор најголем трговец со оружје во светот. Но, продажбата во изминатите 5 години е намалена за 18 проценти. Како трет најголем трговец со воена опрема на ранг-листата на СИПРИ е запишана Франција, со 72% поголем извоз на воена опрема од претходниот 5-годишен период.
Таквиот пораст политикологот Макс Мучлер од Меѓународниот центар за конверзија во Бон го објаснува меѓу другото со успесите во продажбата на воениот авион „Рафале”. „Тука беа склучени поголеми зделки, особено со Египет, Катар и Индија. А, кога се продаваат толку комплексни, ултрамодерни воени системи, што особено важи за авиони и бродови, секако дека и сумите се многу поголеми.”
И натаму на четврто место на светски најважните производители на воена опрема е Германија и со тоа е во групата на пет држави чијшто извоз сочинува преку 3/4 од глобалната трговија со воена опрема. Германската влада сепак сака да се фали дека имала „рестриктивна” политика за извоз на воена опрема.
Меѓу 2015 и 2019 извозот бележи пораст за 17 проценти. Притоа уште од есента 2018 Саудиска Арабија, која беше голем клиент на германската воената индустрија, отпадна од листата. Сојузната влада во Берлин како реакција на убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги, го стопираше извозот на воена опрема за Ријад.
Извозот на оружје од страна на Германија „рестриктивен”?
На експертот на БИЦЦ, Мучлер, покрај самиот пораст во извозот на опрема за вооружување од страна на Германија, во очи му паѓа и нешто друго: земјата значителен дел извезува и во земји кои не се членки на НАТО, односно т.н. трети земји. „На пример Алжир е трет најголем клиент во извештајот на СИПРИ”, нагласува Мучлер. И Катар и Египет во поново време се важни клиенти на германската воена индустрија, наведува експертот за контрола на оружје. „До 2019 година уделот на трети земји секогаш изнесуваше преку 50 проценти. Тука спаѓаат и проблематични трети земји: војни во соседни земји како Јемен. Тоа да го оквалификуваш како ‘рестриктивно’ е по мое сфаќање многу еуфемистички”, објаснува Мучлер.
Еден поглед во најновиот извештај на сојузната влада за извоз на воена опрема објавен во ноември 2019 година потврдува дека во првото полугодие од 2019 година на пример била одобрена испорака за Египет во вредност од преку 800 милиони евра, во што биле меѓу другото вклучени летечки тела, делови за ракети, системи за опфаќање на мета и слично. Одобрена била и продажбата на радари за лоцирање во Обединетите Арапски Емирати. Земјата пак со години активно беше вклучена во борбите во Јемен.
Повеќе:
СИПРИ: Расте продажбата на оружје во светот, предничат САД
Вашингтон ја предупредува Србија поради руското оружје
Се заканува ли трка во вооружување?
Задоволство кај Армин Папергер, прв човек на најголемата германска компанија за оружје „Рајнметал”, кој на почетокот на месецов најави раст во добивката благодарение на „супер циклус” во воената индистрија. Папергер зборува за „посебно добро време за набавка на оружје, муниција или возила”.
Концернот за воена опрема кој на светско ниво е на 22 место, профитира од тоа што многу земји сметаат оти имаат потреба за дополнително вооружување за да може да држат чекор и од тие причини одвојуваат голем буџет за таа намена - не само во рамки на НАТО каде што европските држави полека се движат кон целта на Алијансата од 2 проценти од нивниот буџет за воени набавки.
На луѓето во СИПРИ во годишните извештаи им е важно да опфатат долгорочни меѓународни трендови, па затоа нивните вредности се однесуваат на волуменот, а не на финансиската вредност на зделките за оружје. Затоа во извештајот на СИПРИ се споменуваат удели на пазари и промени изразени во проценти. Апсолутни бројки за трансферите на оружје изразени во евра или долари нема да најдете.
По наше барање експертот на СИПРИ, Вецеман, процени дека обртот во меѓународната трговија со оружје е од 80 до 100 милијарди американски долари годишно. Со тоа трговијата со воена опрема е фактички помалку од еден процент од вкупниот трговски обрт во светот. Па така, кога ќе се употреби аргументот дека трговијата со оружје била важна за економијата, човек треба да биде скептичен.