СДСМ говори за фер процес, опозицијата за нерегуларности
5 мај 2019Цензусот е постигнат, се бројат гласовите, а партиите ги изнесоа првите оценки за изборниот процес. Имавме успешни, фер, слободни и демократски избори, оцени Генералниот секретар на СДСМ, Александар Кирацовски.
„Граѓаните пристапија одговорно пред заедничката иднина и го избраа петтиот претседател на државата. Имавме кристално чисти избори, како што и доликува на една европска држава, за што им благодарам и на граѓаните, и на институциите. Според првичните тенденции, нашиот кандидат Стево Пендаровски е во водство и очекуваме победа. Повикувам никој да не се обидува преку лажни вести да бара алиби за евентуално непосакуваните резултати", порача Кирацовски.
ВМРО-ДПМНЕ: Власта е детронизирана
Претходно, во текот на денот, лидерот на ВМДРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, обвини дека има информации за изборни нерегуларности.
„Имаме неколку случаи во Источна Македонија, кои ВМРО-ДПМНЕ преку прес-конференција ќе и’ ги соопшти на јавноста. Но, и покрај сите тие злоупотреби, и покрај сите тие притисоци, и покрај сето тоа што се случуваше изминатите денови, особено полициската опсада што беше реалност во Охрид и во Ново Село, ВМРО-ДПМНЕ и Гордана Сиљановска Давкова ќе победат денеска", изјави Мицкоски.
Истото го повтори и Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, кој на вечерашната прес-конференција оцени дека „власта е детронизирана и дека падот на Заев почна":
„Реалноста е дека народот бара правда, слобода, стандард, принци и вредности", истакна Јанушев, оценувајќи дека власта во вториот изборен круг воопшто не била „на висината на задачата".
Тој изнесе обвинувања за изборни нерегуларности кои ги нарече „изборен инженеринг", сомнежи за организирано и семејно гласање, и индиции за поткуп.
„Ново Село беше под полициска опсада. Во Битола беше присутно целокупното подземје на градот. Имаше организиран превоз на гласачи во Шуто Оризари и групно гласање во Чаир", рече Јанушев.
Тој рече дека победил народот и оти партијата очекува одличен резултат.
„Се’ освен победа на Сиљановска, ќе фрли темни дамки за изборен инженеринг", порача Јанушев.
ДУИ: Изборниот процес е во согласност со европските стандарди
Демократската унија за интеграција вечерва оцени дека Северна Македонија покажала демократска зрелост за организирање и спроведување европски избори, а најголеми победници се граѓаните и државата:
„Нашите првични и неофицијални проценки се дека околу 90.000 наши албански гласови го поддржаа концептот на консензус, но секако ќе направиме детална анализа на секое избирачко место во наредните денови“, велат од ДУИ .