Анкетите го опипуваат пулсот пред есенските избори
22 јули 2021Во јуни 2017 година првпат по повеќе од една деценија една анкетапокажа поголема популарност на СДСМ и на нејзиниот водечки политичар Зоран Заев од онаа на ВМРО-ДПМНЕ и екс-премиерот Никола Груевски. Станува збор за анкетата на Брима, во која доверба во СДСМ тогаш имаа 22,4 проценти од испитаниците, пред ВМРО-ДПМНЕ, која доби поддршка од 19,8 отсто од анкетираните граѓани. И во втората категорија која ја мери популарноста на водечките политичари, лидерот на СДСМ и премиер, Зоран Заев по речиси 11 години константен повисок рејтинг на ВМРО-ДПМНЕ во 2017 година му го презеде приматот на ривалот Никола Груевски. Доверба во Заев тогаш имаа 17,7 проценти од испитаниците, а во Груевски - 13 проценти. До промената во рејтингот дојде само неколку недели по преземањето на власта од страна на социјалдемократите. Четири години потоа опаѓа рејтингот и на двете партии кај граѓаните, кој, според анкетите последнава година, е под 20 проценти.
Забетонирани позиции
Резултатите од последната анкета на „Брима“ која ја откупила СДСМ, покажаа дека владејачката партија се уште стабилно седи на тронот. Таа има предност пред опозицијата од 2,6 проценти, откако 18,9 проценти од испитаниците одговориле дека ќе гласаат за СДСМ, додека 16,3 отсто за ВМРО-ДПМНЕ на прашањето на Брима : „Доколку денеска се одржат парламентарни избори, за која политичка партија ќе гласате“.
Според резултатите, следуваат ДУИ со 6,3 отсто, Алијанса за Албанците со 5,9 проценти, Левица со 4,3 отсто, Беса со 3,9 проценти и ДПА со 1,6 отсто. „Ако се земе предвид и рејтингот на Движење БЕСА која е дел од коалицијата „Можеме“ со која настапи на парламентарните избори, тогаш рејтингот на коалицијата е повисок и изнесува 22,8 отсто“, анализираат од владејачката партија.
-повеќе на темата: Во што веруваат Македонците: „Не“ за вакцина против Ковид-19, „Да“ за теории на заговор
„Релативно се забетонирани позиции на СДСМ напрема ВМРО-ДПМНЕ, и на лидерот на владејачката партија Зоран Заев наспроти неговиот политички опонент, Христијан Мицкоски“, оценува аналитичарот Петар Арсовски за ДВ. Според него, последната анкета на Брима, покажува еден статичен однос во рејтинзите меѓу двете најголеми партии од власта и од опозицијата, но укажува и на намалената подготвеност на граѓаните да излезат на избори и да гласаат.
Аналитичарите сметаат дека власта има минимална предност пред опозицијата, бидејќи нема поголем скандал кој што би го сменил распоредот на силите. Продолжувањето на бугарската блокада и „не“ од ЕУ за евроинтеграциите на земјата, би можело во иднина да доведе до промена на рејтинзите.
„Ова е мртов период, тешко можат да се сменат работите во поглед на довербата којашто ја уживаат партиите кај граѓаните“, коментира Арсовски, додавајќи дека ситуацијата ќе остане така, се додека не се случи некоја крупна промена, нешто драматично не се промени во наративот на Заев или Мицкоски.
Заев со најголем рејтинг, Ахмети го претрка Села
Според анкетата на Брима, претседателот на СДСМ, Зоран Заев и понатаму останува политичар со убедливо највисок рејтинг и најголема доверба од граѓаните. Ако во 2017 година тој водеше со 17.7 проценти пред Никола Груевски кој имаше 13 проценти поддршка кај граѓаните, сега е двојно поголема разликата меѓу лидерот на СДСМ и неговиот политички опонент Христијан Мицкоски. Па така, 12,6 осто од граѓаните велат дека имаат најголема доверба во Заев, додека за Мицкоски се изјасниле само шест отсто од испитаниците.
-повеќе на темата: Лажни анкети и рејтинзи за лов на (не)партиски опортунисти
Споредено со истражувањето од „Брима“ спроведено во јули 2020 година, може да се забележи дека има пораст на довербата кај граѓаните кон Заев од 3.1 процентен поен, а раст бележи и рејтингот на СДСМ. Тогаш 18,7% од испитаниците одговориле дека би гласале за СДСМ, додека за ВМРО-ДПМНЕ поддршка би дале 15,1%. Во однос на рејтингот на партиските лидери, 9,4 отсто од испитаниците одговориле дека најголема доверба имаат во претседателот на СДСМ, Заев, додека само 4,2 отсто се изјасниле за Мицкоски.
Третата позиција во анкетите е резервирана на ДУИ, чија поддршка полека се топи во споредба со ланските анкети. Ако партијата лани имала поддршка од 8,2% од анкетираните, според последното истражување од јули годинава, таа е падната на 6.3 отсто. Но, затоа е подобрен личниот рејтинг на лидерот на ДИ, Али Ахмети во споредба со јули минатата година кога бил 2,8 отсто. Според последната анкетата на „Брима“, Али Ахмети со рејтинг од 5,6 отсто го претрка Зијадин Села (5,3 отсто), но и претседателот Стево Пендаровски ( 4,6 проценти) и Димитар Апасиев (3,5 отсто).
За Арсовски, ваквиот рејтинг на претседателот Пендаровски е исклучок од сите досегашни анкети. Претседателите, според него, традиционално уживале висок рејтинг во анкетите, и тогаш кога граѓаните не биле сосема задоволни од начинот на којшто ја вршат функцијата.
Мерење на силите
Во пресрет на локалните избори коишто треба да се одржат во октомври, партиите изминатиов период преку најразлични анкети се обидоа да ги измерат силите. Владејачката СДСМ речиси на сите анкети изминатиов период води пред опозициската партија, освен во анкетите на ИПИС, чиј програмски директор е политичкиот аналитичар Владимир Божиновски.
-повеќе на темата: ИРИ: Македонците сакаат во ЕУ, но опаѓа оптимизмот поради бугарското вето
Анкетата на ИРИ во јуни годинава, опипувајќи го пулсот на граѓаните за локалните избори покажа дека СДСМ би освоиле 19% од гласовите, додека ВМРО-ДПМНЕ би имала поддршка од 16% од избирачите. Трета партија, според рејтингот, би била ДУИ за која би се одлучиле 8%, а зад неа се Алијанса за Албанците и Левица со поддршка од 4% од гласачите. Вкупно 21% одговориле дека не знаат за кого би гласале, а 9% дека воопшто нема да гласаат.
Мртва трка
Во анкета на Телма/МЦМС во декември 2020 партиите водеа „мртва трка“ за довербата кај гласачите. Но, таа анкета, покажа дека споредено со сите нивни досегашни анкети од 2016 година наваму, за прв пат поддршката за двете најголеми партии во земјава СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ падна под 20 отсто.
Резултатите тогаш покажаа дека 18,6 отсто би гласале за СДСМ, а 18,1 отсто за ВМРО-ДПМНЕ со што предноста на СДСМ пред опозициската ВМРО-ДПМНЕ беше многу тесна - од само 0,5 процентни поени. Таа анализа покажа и дека поддршката за ДУИ е 6,7%, за Алијанса за Албанците 4,6%, Алтернатива 0,5, и за Беса се изјасниле 2,4 отсто од анкетираните. Но, сепак најголем процент од испитаниците, 21,1 отсто тогаш се изјаснија дека нема да излезат на гласање, 11,1 отсто одбиваат да гласаат, а 6,4 отсто не знаат, што покажува дека гласовите на неопределените и понатаму се одлучувачки за исходот на изборите.