1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се ниша владата во Црна Гора- компромис или нови избори?

Радомир Крачковиќ
20 јули 2021

Владината криза во Црна Гора влезе во вториот месец, а владејачкото мнозинство засега нема договор како таа да се надмине. Дел од власта бара нова влада, останатите реконструкција, а опозицијата- нови избори.

https://p.dw.com/p/3wgfQ
Montenegro Zdravko Krivokapic
Црногорскиот премиер Здравко КривокапиќФотографија: Savo Prevelic/AFP

Првата влада во Црна Гора по 30-годишното владеење на Демократската партија на социјалистите (ДПС) на претседателот на државата Мило Ѓукановиќ, по само 200 дена е пред речиси извесни промени, а би можела да стане и најкратката во современата политичка историја. Прашањето е само колкави промени ќе има и дали може да дојде до предвремени избори, многу поради од очекувањата. 
Експертскиот кабинет на премиерот Здравко Кривокапиќ од самиот почеток се соочи со бројни критики и тоа дури повеќе од парламентарното мнозинство, одошто од опозицијата. Во нападите предничеше просрпскиот Демократски фронт (ДФ) кој уште на почетокот порача дека по 200 дена ќе ги преиспита резултатите на владата. Случувањата од минатиот месец, кога другиот дел од власта кој го сочинуваат Демократите и УРА, заедно со опозицијата, усвоија Резолуција за геноцидот во Сребреница во парламентот, а УРА гласаше и за смена на министерот за правда Владимир Лепосавиќ поради релативизирање на тој геноцид- доведоа до целосен раскол во владејачкото мнозинство. 
ДФ е огорчен поради резолуцијата и смената, бара нова влада и нов премиер или техничка влада и предвремени избори. Премиерот Кривокапиќ не сака да отстапи, а во тоа го поддржуваат Демократите и УРА кои повикуваат на реконструкција на владата со влез во неа и на политичари, а не само на експерти. 
Политичкиот аналитичар Драгиша Јањушевиќ вели дека е во прашање политички лавиринт и дека најмалку лошо решение за излез од него е реконструкција на владата во која, освен експертите, би влегле и политичари од владејачките партии под раководство на Кривокапиќ. 
„Сите останати решенија или се неизводливи, како промена на целата влада во парламентот или се голема услуга за опозицијата која само што се симна од власт, како што би бил избор на техничка влада и одење на предвремени избори“, вели Јањушевиќ за ДВ. 
Но ДФ инсистира на смена на премиерот и формирање нова влада или избори до крајот на годината. Порачуваат дека статус кво е неодржливо затоа што владата сега ја поддржуваат само 14 или 15 од вкупно 81 пратеник во парламентот. 
„Реконструкција и шминкање на политичкиот мртовец не доаѓаат предвид“, вели еден од лидерите на ДФ, Милан Кнежевиќ. 
Поради судирот во владејачката коалиција, веќе над еден месец е блокиран парламентот затоа што ДФ го бојкотира. Владата сега не може да протурка ниту еден закон во Собранието. Многумина решението го гледаат во нови избори, но според Јањушевиќ, тоа не е решение. 
„Изборите дополнително ја искомпликувале ситуацијата. Партиите кои сега го сочинуваат парламентарното мнозинство повторно би биле во ситуација да формираат влада, но тоа би одело далеку потешко, затоа што недовербата би била далеку поголема“. Јањушевиќ не верува дека опозицијата би можела да се врати на власта. 
„Мојата проценка е дека изборите апсолутно никому не одговараат и ништо не би смениле. Дури ни на ДПС, кој на нив би влегол со доста страв да не се покаже губење на поддршката, додека нивните партнери би се бореле за преминување на изборниот праг. 

Montenegro | Demokratische Front Montenegro | Andrija Mandić and Milan Knežević
Лидерите на Демократскиот фронт, Андрија Мандиќ и Милан КнежевиќФотографија: Radomir Kračković/DW

Вонредните избори- прашање на време 

Владејачкото мнозинство севкупно го сочинуваат десет партии со доста различни програми кои ги обедини борбата за смена од власт на ДПС. Тие имаат само еден пратеник повеќе од опозицијата. Иако многумина веруваа дека токму стравот од враќање на власт на ДПС ќе ги држи заедно, речиси секојдневните судири сугерираат дека во некој момент ќе мора да се оди на вонредни избори. 
Преговорите на владејачките партии течат бавно, но не можат да траат до недоглед. Земјата се бори за опоравување од корона-кризата и владата мора да функционира. 
„Верувам дека власта ќе ја искористи летната пауза во работата на парламентот за да се најде решение кое ќе им биде прифатливо на сите. Ако не најдат решение до 31 јули, очекувам дека ќе го најдат до 1 септември. Легитимитетот на владата е разнишан, но тоа се породилни маки на демократијата во Црна Гора која никогаш во својата историја на избори не доживеала смена на власта. И ќе мора да се навикнуваме на такви ситуации“, вели Јањушевиќ. 

Montenegro Sitzung im Parlament
Парламентот е блокиран поради бојкотот на владејачката ДФФотографија: Parliament of Montenegro
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи