Се планира закон со „шанса за право на престој“ во Германија
7 јуни 2022Германската министерка за внатрешни работи Ненси Фезер наскоро ќе предложи закон со кој ќе се добива „шанса за право на престој“, јавија првиот канал на германскиот радиодифузен сервис АРД и магазинот Шпигел. Со предлог законот, мигрантите кои во Германија имаат статус на толерирани лица најмалку пет години ќе добијат шанса да добијат траен престој во државата. Од ваквиот предлог закон би можеле да профитираат над 100.000 луѓе. Статусот на толерирано лице е несигурен, затоа што во таков случај процесот на протерување од земјата е само прекинат.
Со новиот предлог закон толерираните лица ќе добиваат прво дозвола за престој во траење од една година. Ако во тој период докажат дека го владеат германскиот јазик и заработуваат доволно за живот, ќе добијат подолго право на престој.
Извршителите на кривични дела ќе бидат исклучени од ова правило, исто како и лицата кои дале погрешни податоци за својот идентитет и кои на тој начин досега спречувале протерување од Германија.
Министерката за внатрешни работи Ненси Фезер истовремено се обврзува на поостар курс при протерувањето на барателите на азил кои биле одбиени, а не се однесувале согласно законите. „Поконсеквентно ќе мора да се спроведува протерувањето на извршители на кривични дела и загрозувачи (на безбедноста, н.з.)“, се вели во предлог законот. За таа цел треба, меѓу другото, да се заострат правилата за притвор поврзан со протерување.