1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Себастијан Курц се повлекува од политиката

ЕМФ | агенции
2 декември 2021

Поранешниот австриски канцелар Себастијан Курц денеска соопшти дека се повлекува од политиката. Вели дека сега неговиот фокус ќе биде ставен на семејството.

https://p.dw.com/p/43jGM
Sebastian Kurz
Фотографија: Malte Ossowski/SVEN SIMON/picture alliance

Поранешниот австриски канцелар Себастијан Курц, кој е соочен со обвиненија за корупција,  претпладнево соопшти дека се повлекува од политиката. Тој даде оставка на функцијата претседател на Народната партија на Австрија и шеф на пратеничката група на оваа партија во парламентот. На местото лидер на партијата би требало да го замени министерот за внатрешни работи Карл Нехамер, пишува австрискиот весник „Кронен цајтунг“.

Курц вели дека одлуката не му била лесна, но е искрено благодарен за искуствата од изминатите десет години. „Секогаш го давав најдоброто од себе и се обидував да направам сѐ што е можно“, рече Курц. Сепак, нагласи дека не сака да тврди оти не згрешил никаде. Вели дека носел и погрешни одлуки и дека не секогаш работите излегувале онака како што посакувал. 

Себастијан Курц тврди дека лично се радува на денот кога пред судот ќе може да докаже дека обвинувањата на негова сметка не биле вистинити. „Речиси се добива чувство како да си ловен“, објаснува Курц. Тоа чувство, меѓутоа, било и позитивно, зашто го мотивирало и него и неговиот тим секогаш да даваат сѐ од себе. 

Курц даде оставка на премиерската функција пред околу два месеца, по тешките обвинувања за корупција против него и редица негови пријатели од Народната партија на Австрија. Тој не се повлече доброволно, туку под притисок на коалициониот партнер, Зелените, кои се заканија со излегување од владата. На премиерската функција го замени Александар Шаленберг.

35-годишниот Курц, кој себеси се гледа како жртва, долго време важеше за исклучителен политички талент. Уште како министер за надворешни работи со својот миграциски курс предизвика внимание во странство. Со 31 година, тој во 2017 година стана најмладиот шеф на влада во светот и зад себе има кариера со неверојатен подем. Под негово раководство Народната партија на Австрија стана најсилна во земјата и склучи коалиција со деснопопулистичката ФПО. Таа коалиција се распадна откако се појави видео снимка во врска со т.н. Ибица-афера, во која главен актер беше поранешниот шеф на ФПО,Хајнц-Кристијан Штрахе. Во врска со аферата беше формирана парламентарна истражна комисија. Покрај обвинувањата за корупција, против Курц се води и истрага за давање лажна изјавапред оваа парламентарна комисија. Дали ќе биде покренато обвинение, сѐ уште не се знае.