1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Северен тек 1: Путин сигнализира повторен старт на гасоводот

ЕМФ / дпа
20 јули 2022

Рускиот претседател Владимир Путин сигнализира повторен старт на гасоводот Северен тек 1 откако ќе биде завршен неговиот ремонт.

https://p.dw.com/p/4EO8P
Deutschland | Nord Stream 1 in Lubmin
Фотографија: Sean Gallup/Getty Images

Наспроти стравувањата дека Русија по ремонтот на Северен тек 1 веќе нема да ја отвора славината за гас, шефот на Кремљ сигнализира повторен рестарт на гасоводот. „Гаспром ги исполнува своите обврски, секогаш ги исполнувал и сака и натаму да ги исполнува сите свои обврски“, изјави рускиот претседател Владимир Путин во текот на ноќта (19/20.07). Путин истовремено предупреди од натамошно намалување на количеството на гас кое ќе се транспортира преку гасоводот.

Russland Präsident Putin
Рускиот претседател Путин предлага со работа да почне гасоводот Северен тек 2Фотографија: Mikhail Klimentyev/Sputnik Kremlin/AP/dpa/picture alliance

Доколку Русија не ја добие назад турбината која беше поправена во Канада, на крајот на јули капацитетот на гасоводот би можел значително да се намали, ги пренесува зборовите на Путин руската агенција Тас. Според најавите, капацитетот би можел да падне на една петтина од количеството кое вообичаено се транспортира преку гасоводот.

Рускиот претседател истовремено предложи со работа да почне гасоводот Северен тек 2. „Имаме уште една готова траса - тоа е Северен тек 2. Таа може да биде пуштена во употреба“, изјави Путин.

Karikatur Sergey Elkin | Nordstream 1
Карикатура на Сергеј Елкин: „Јас имам виша сила“Фотографија: DW

Гасоводот Северен тек 1 беше пуштен во употреба во 2011 година и има капацитет од околу 55 милијарди кубни метри годишно. Од јуни рускиот државен енергетски концерн Гаспром ја намали испораката на гас за Германија за повеќе од половина од дневниот максимум - на 67 милиони кубни метри.

- повеќе: ЕК не очекува повторен старт на гасоводот Северен тек 1 неделава

Гасоводот во моментов е целосно исклучен поради годишен ремонт, како што е планирано до четврток (21.07). Инспекцијата на гасоводот, како што се вели од Северен тек АГ, минала без проблеми и нема пречки од утре повторно да почне да се транспортира гас.