Северна Кореја сака да биде моќна колку САД
16 септември 2017Севернокорејскиот властодржец Ким Јунг Ун најави дека не се откажува од нуклеарната програма и покрај санкциите против неговата земја, јави државната севернокорејска агенција КЦНА.
Целта е да се постигне рамноправност на силите со САД „за владетелите во САД веќе да не се осмелуваат да зборуваат за воени опции против Демократска Народна Република Кореја“, го цитира КЦНА претседателот на државата Ким Јонг Ун. Северна Кореја „ќе ја постигне целта да стане нуклеарна сила и покрај бесконечните санкции и блокади“, вели Ким. Тој потенцира дека со најновиот ракетен тест неговата земја се приближила кон таа цел.
Северна Кореја вчера повторно лансираше ракета од типот Хвасонг-12 преку јапонска територија. Ракетата леташе 3700 километри пред да се урне во Пацификот.
Итната седница на Советот за безбедност кој се одржа по ракетниот тест остана без голем резултат. СБ го осуди тестот како „екстремно провокаторски“ и едногласно донесе изјава во која од Пјонгјанг се бара веднаш да престане со своето однесување кое предизвикува огорченост во светот. Севернокорејските нуклеарни и ракетни тестови се закана не само за регионот, „туку за сите членки на ОН“, се вели во изјавата. Меѓутоа, Советот за безбедност не презеде други чекори. На почетокот на неделава беше донесен осмиот пакет санкции против Пјонгјанг.