1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Северна Рајна-Вестфалија: Победа на партијата на Меркел

СН/ агенции
15 мај 2017

Христијанско-демократската унија (ЦДУ) е победник на покраинските избори во Северна Рајна-Вестфалија. Гласањето во германската покраина со најбројно население е најголем тест пред изборите за Бундестагот во септември.

https://p.dw.com/p/2cxmN
Deutschland Landtagswahlen in NRW Armin Laschet
Фотографија: picture-alliance/dpa/O. Berg

Власта во Северна Рајна-Вестфалија се менува. На изборите за парламентот на оваа германска покраина, одржани вчера (14.05) победи партијата на германската канцеларка Ангела Меркел: Христијанско-демократската унија. ЦДУ освоила околу 33 насто од гласовите, што е скок од близу 7 проценти во однос на изборите во 2012 година.

Социјалдемократите (СПД) кои досега беа на чело на владата во Северна Рајна-Вестфалија, претрпеа тежок пораз освојувајќи околу 31 насто од гласовите, што е дури околу 8 проценти помалку во однос на претходните покраински избори пред пет години.

Düsseldorf Hannelore Kraft nach Landtagswahl NRW
Досегашната премиерка на Северна Рајна-Вествалија, Ханелоре Крафт (СПД)Фотографија: picture-alliance/dpa/F. Gambarini

Покрај ЦДУ, како најголеми победници на овие избори важат Либералите (Партијата на слободните демократи-ФДП) која освои преку 12 насто од гласовите. Во покраинскиот парламент за првпат ќе влезат и пратениците на Алтернатива за Германија. Популистичката партија оствари изборен резултат од преку 7,5 проценти. Партијата на Зелените, која досега беше во покраинската власт во коалиција со СПД доби поддршка од само околу 6 насто од избирачите. Партијата на Левицата е пак близу до изборниот цензус од 5 проценти и сѐ уште не е докрај јасно дали ќе обезбеди пратенички места во покраинскиот парламент.

Последен тест пред изборите за Бундестагот

Нов премиер на Северна Рајна-Вестфалија би требало да биде Армин Лашет (насловна фотографија), носител на листата на ЦДУ на покраинските избори, кој на тоа место ќе ја замени премиерката од редовите на СПД, Ханелоре Крафт, која по вчерашниот пораз поднесе оставка на сите функции во партијата. Според актуелниот распоред на силите, новата покраинска влада би можеле да ја формираат ЦДУ и СПД ( т.н. Голема коалиција, како на сојузно ниво). Истотака можни се и владејачки коалиција ЦДУ-ФДП- Зелени, но и во најневеројатен случај и СПД-ФДП-Зелени. Доколку пак партијата на Левицата не успее да обезбеди место во покраинскиот парламент, сосема е возможна и целосна промена на власта односно коалиција меѓу ЦДУ и Либералите, која така би имала тесно парламентарно мнозинство.

Düsseldorf FDP-Chef Christian Lindner nach Landtagswahl
Лидерот на Либералије, Кристијан Линднер беше носител на листата во Северна Рајна-Вествалија.Фотографија: picture-alliance/dpa/R. Vennenbernd

Изборите во Северна Рајна-Вестфaлија, германската покраина со најбројно население (18 милиони граѓани, повеќе од 13 милиони со право на глас), воедно е последен тест спроти сојузните парламентарни избори на 24 септември. Од резултатите од овие покраински избори во голема мерка можат да се извлечат заклучоци за тоа како би можел да изгледа идниот состав на Бундестагот, но и новата влада на Сојузна Република Германија.