1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Брдо - Бриони: ЕУ да го забрза проширувањето

ДТЗ
17 мај 2021

Претседателите на Хрватска и Словенија се заложија во рамките на ЕУ да се обидат со свои иницијативи да му дадат нов поттик на спорот меѓу С. Македонија и Бугарија. 

https://p.dw.com/p/3tWVG
Slowenien | Brdo-Brijuni Gipfel
Фотографија: Presidents Office of North Macedonia

Лидерите на седум балкански земји денеска од Брдо кај Крањ во Словенија ја повикаа  Европската Унија да ги забрза преговорите со земјите кандидати за членство. Претседателите на Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Србија, Словенија и Хрватска на десеттиот состанок на процесот Брдо - Бриони усвоија заедничка декларација во која наведоа дека силно поддржуваат отворање на преговорите за зачленување на Северна Македонија и Албанија во ЕУ, како прашање на итност, без понатамошни одложувања. 
„Ја повикуваме Европската Унија регионот Западен Балкан да го набљудува како целина, а не само како одделни држави со кои преговара. Тоа е реципрочен процес. ЕУ мора да го забрза проширувањето, а земјите од Западен Балкан мора да ги забрзаат реформите“, рече домаќинот на состанокот, словенечкиот претседател Борут Пахор.

Историските прашања и европската интеграција

Македонскиот претседател Стево Пендаровски смета дека темпото на проширувањето на ЕУ е во очигледна криза. Тој го реафирмираше ставот за неменливоста на границите и потребата од дијалог за сите отворени прашања во духот на добрососедските односи и регионалната соработка. Според Пендаровски, од круцијално значење е да почнат пристапните преговори со С. Македонија и со Албанија. На тој пат е апсолутно јасно дека историските прашања немаат ништо заедничко со процесот на европската интеграција. Евентуалните неуспеси на тој пат дополнително ќе го нарушат кредибилитетот на ЕУ и нејзиното влијание во регионот.

-повеќе на темата: Политичката цена на спорот меѓу Скопје и Софија

„Во однос на нашиот проблем во интеграциите беше неподелено мислењето дека евроинтегративниот процес, воопшто процесот на преговори не смее воопшто да се оптеретува со историски контроверзии, дека историските проблеми и толкувањата на историските настани немаат буквално ништо заедничко со евроатлантските интеграции и со вредностите кои членките во тие организации ги почитуваат", рече Пендаровски. Тој вели дека во наредниот период неколкумина од учесниците, особено двајцата претседатели на Хрватска и Словенија се заложиле во рамките на ЕУ да се обидат со свои иницијативи да му дадат нов поттик на овој спор меѓу С. Македонија и Бугарија. 

Критики кон Бугарија

Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ оцени дека Северна Македонија се наоѓа во една невозможна позиција во процесот на евроинтеграциите.„Не се сите на исто ниво во напредокот на преговорите. Некои се понапред, некои се поназад. Северна Македонија се наоѓа во една невозможна позиција. Тоа е тема, што воопшто не ја допревме на денешните разговори, ниту во текстот на заедничката декларација, ниту пак Македонците на тоа воопшто инсистираа. Се работи за условите кои им се поставени во една, релативно зрела фаза на преговорите со ЕУ, а се однесува на содржината во некои учебници по историја во Македонија“, рече Милановиќ.

-повеќе на темата: „Нон-пејпери“ предизвикуваат немир на Западен Балкан

Тој посочи дека и Словенија и Хрватска имале многу жив и динамичен однос, каде Словенија поставувала некои услови, но, како што рече, никогаш не чувстувал или гледал дека Словенија сака да и наштети на Хрватска или да ја спречи или понижи.„Ова што сега е официјална политика на една земја-членка на ЕУ, што таа ѝ го прави на Северна Македонија јас го нарекувам 'влегување во туѓо', односно влегување во 'интимниот простор'. Да се бара од една земја кандидат, која и во преговори за членство, во учебниците по историја својата национална генеза да ја дефинира, онака како што тоа го бара соседна држава. Тоа е влегување во 'интимен простор' и тоа не се прави. И на тоа отворено ќе се спротивставам“, рече Милановиќ.
Балканските лидери на средбата во Брдо ги судрија ставовите околу непроменливоста на границите. Медиумите јавуваат дека имало одредени несогласувања и вербален судир  меѓу српскиот претседател Александра Вучиќ и косовската претседателка, Вјоса Османи, откако на маса бил ставен нацрт заклучок со кој требало да се гарантира неменливост на актуелните граници. Српскиот претседател Александар Вучиќ  изјави дека Србија се залага за неменување на границите во согласност со резолуцијата на Обединетите нации, но таа иницијатива не била прифатена.