Сезонски работници останаа без плати во Германија
22 мај 2020Анча (39) од Романија не сака да биде фотографирана, ниту да го каже своето презиме. Неодамна банкротирало земјоделското претпријатие во близина на Бон, каде работела како сезонска работничка. Анча и нејзините сонародници останале без надниците и се смириле малку дури по разговорот со романскиот конзул во Бон. Добиле малку храна, малку пари и ветување дека Романија ќе помогне во решавање на проблемот.
Зад овие романски сезонски работници останаа бурни денови на протести. Пропаст на земјоделското претпријатие, несигурност, протести во кои беа поддржани од анархисти од Бон и други левичарски групи. Повеќе новинари се заинтересираа за нивната приказна.
Всушност, Анча и нејзиниот сопруг требало во Борнхајм, во близина на Бон, да берат аспарагуси и јагоди на земјоделскиот имот каде работат веќе со години и каде досега биле релативно задоволни. „Не знаевме дека фирмата банкротирала кога стигнавме оваа година", вели Анча. Идејата била жетвата да биде успешна и земјоделскиот имот да може да привлече потенцијални инвеститори.
Повеќе:
Сезонски работник од Романија: „Германија може да смета на мене!“
Секоја земја има своја евтина работна сила
Повеќе права за сезонските работници во ЕУ
Тешка судбина не нелегалните сезонски работници во Грција
Но, пандемијата на коронавирус ги поматила сметките. Рестораните и хотелите се долго затворени, побарувачката по аспарагуси доживеа нагол пад. Бербата била прекината, а и јагоди берат само намален број работници.
Очајни услови
Анча требало да работи три месеци, според договорот кој го добила - од почетокот на март до почетокот на јуни, но сега веќе нема што да работи. Тврди дека не ѝ се платени околу 1.200 евра за надници. Други работници раскажуваат дека добиле само ситен дел за досегашната работа, некои само пет евра, некои по 150 евра. Освен тоа, за заедничкото сместување и храна им е наплатено повеќе отколку што било вообичаено досега.
Околу 240 луѓе се сместени во контејнери во близина на една постројка за прочистување на отпадните води. Ни сместувањето, ни храната не биле добри: „Оризот беше уште полузамрзнат, а саламата за појадок понекогаш беше расипана. Ништо друго од кујната не смееше да се допре, секој ја добиваше само својата порција", ни раскажува Анча.
Дома, во Романија, таа има четири деца и доаѓајќи во Германија, се надева да го заштеди секој цент. Оваа година од тоа нема да биде ништо.
Тешко е да се провери колку сопственикот на земјоделскиот имот им должи на работниците. Работата ја има преземно стечаен управник, кој не разговара со медиумите. Контејнерската населба е заградена и ја чува обезбедување.
Заобиколување на минималецот
Харалд Шаум од Индустрискиот синдикат, кој е надлежен и за земјоделската бранша, вели дека оваа фарма не е осамен пример. „Често се среќаваме со различни методи на заобиколување на законски пропишаната минимална цена на трудот", вели синдикалецот.
Моментно, минималната сатница во Германија изнесува 9,35 евра бруто, но не е почитувана од сите работодавачи. Некои, објаснува Харалд Шаум, плаќаат според сработеното или наизглед пристојни плати на работниците, но тогаш им наплатуваат трошоци за сместување и храна преку секоја мерка. „За жал, понекогаш се зоупотребува јазичната бариера за да се постапува поинаку отколку што им е првично ветено на работниците", вели Шаум.
Тоа не е нова ситуација кога се во прашање сезонските работници во Германија, но оваа година проблемот е во фокусот поради корона-кризата. Под лупа се најдоа и кланиците во кои работниците, често по потекло од Балканот, престојуваат и работат во мизерни услови. Некои од тие кланици станаа легла на коронавирусот.
Уште е неизвесно што ќе се случи со работниците од Романија во Борнхајм и нивните заработувачки. Анча вели дека сепак и идната пролет повторно ќе дојде во Германија, веројатно на друг земјоделски имот. „Тешко се воспоставува повторно доверба. Ние можеби не го знаеме јазикот, но знаеме да работиме."
Меѓутоа оваа година Анча прво треба да смисли како и со кои пари ќе се врати дома.