Селфи со Путин за пазарење со ЕУ
29 март 2017Минатата недела германските медиуми без исклучок ја пренесоа изјавата на известувачот на Европскиот парламент за Србија Дејвид Мекалистер кој за весникот Ди Велт изјави дека „Русија во Србија следи политика на намерна дестабилизација“ и дека се обидува да изврши „масовно влијание врз медиумите, дел од политичари, како и врз цивилното општество“. Новинарите се потсетија и на гостувањето на Федерика Могерини во српскиот парламент кое беше проследено со скандирање на радикалите: „Србија, Русија, не ни треба Унија“ и транспаренти на пратениците на Двери. Посетата на Александар Вучиќ во пресрет на изборите дефинитивно го поставува прашањето- дали Русија врши влијание пред гласањето в недела?
Експертите со кои разговараше ДВ не гледаат такво влијание- барем не во невообичаена мерка, ниту во поголем обем од влијанието кое го врши Западот. Впрочем, во рамките на својата функционерска кампања Вучиќ неодамна се сретна и со Ангела Меркел, а нему верните медиуми пренесоа исклучиво пофалби и ги премолчеа- додуша благите и дискретни- критики кои канцеларката ги искажа за случувањата во Србија.
На сите им одговара таа приказна
„Глупост“- така ја оценува изјавата на Мекалистер, Павел Кандељ од Европскиот институт на Руската академија на науките. „Во Европа, од почетокот на украинската криза, сѐ повеќе се говори за руска закана за Балканот. Тој наратив се поддржува и во некои престолнини на земјите од Западниот Балкан, но и од страна на некои политиколози од Москва, па дури и на Западот ја признаваат руската моќ. Но таа приказна нема никаква врска со реалноста“, вели Кандељ за ДВ.
Во голема мерка, додава тој, руските интереси во Србија се ограничени и условени од интересите на енергетските компании- на пример Газпром која го контролира мнозинскиот пакет во Нафтената индустрија на Србија, а од која, повторно, во голема мерка зависи српскиот државен буџет. „Меѓу 60 и 70 отсто од трговијата на Србија се одвива со државите на ЕУ, а околу 6-7 отсто со Русија. Сличен е односот и во инвестициите, банкарскиот сектор или медиумите“, укажува Кандељ.
Од каде тогаш сите приказни за огромното руско влијание? Оттаму, вели Кандељ, што тоа им одговара на сите страни, вклучително и на Кремљ. „Брисел со тоа го оттргнува вниманието од сопствените проблеми. На балканските лидери им доаѓа згодно да го поттикнат замрениот процес на евроинтеграција со порака- ако вие не нѐ сакате, имаме адреса на која ќе се јавиме. На Москва тоа и одговара, бидејќи целата приказна делува како признавање на руската моќ“.
Проруско расположение
Душан Рељиќ од берлинската фондација „Наука и политика“ потсетува дека голем дел од јавноста во Србија добро ги прифаќа наводно извонредните односи на Белград и Москва. „Постои дел од населението кое во Русија гледа традиционален сојузник. Но, постои и оној дел кој е многу критичен кон системот на Путин, бидејќи неговите ставови за заштита на човековите права и демократијата не ги делат во Европа“, вели Рељиќ за ДВ.
Но, кој дел од населението е поголем, добро илустрира испитувањето на јавното мислење на Нова српска политичка мисла: се бележи благ раст на поддршката на евроинтеграциите за кои сепак нема надполовично мнозинство (48 проценти за, 39 отсто против). Од друга страна, на, помалку, недефинираното прашање: „Дали поддржувате сојуз на Србија со Русија“, две третини од испитаниците рекле „да“, а само една петтина „не“.
Оттука, Павел Кандељ говори за „значаен симболички капитал“, кој Русија го има во Србија. „Сите српски партии, па дури и од спротивставени табори, разбираат дека мораат да отидат до Москва и да направат селфи со Путин ако сакаат да имаат успех на изборите. Тоа е закономерност“, вели тој. Сепак, тој додава, дека покрај сите симпатии за Русија, луѓето масовно гласаат за Вучиќ, а не за партиите кои отворено се дефинираат како проруски. Таквите партии, додава тој, во Србија се маргинални и имаат минимални шанси да дојдат на власт.
ЕУ остава вакум
Освен симболиката има уште нешто важно, потсетува Рељиќ. Русија како постојана членка на Советот за безбедност на ОН и натаму е гарант дека Косово нема да биде примено во таа светска организација. „Секоја власт во Србија, без оглед каков став има кон Москва, ќе мора да го земе предвид тој факт“.
Рељиќ смета дека Москва го исполнува просторот кој сѐ повеќе останува со слабеењето на позициите на ЕУ во Србија. Закоченото проширување на ЕУ- особено по финансиската криза и Брегзит- има најголемо влијание врз тоа. Но, тука е и мигрантската криза која минува низ територијата на Србија. „Протокот на мигранти доаѓа од членките на ЕУ, Бугарија и Грција, кон Србија. И таму често застанува. Српските граѓани се убедени дека ја немаат потребната поддршка од страна на ЕУ“.
Рељиќ сепак верува дека поддршката кон ЕУ меѓу граѓаните на Србија повторно ќе порасне, доколку конјунктурата на интеграциите се промени и Белград се приближи кон членство во ЕУ. Но, двајцата соговорници на ДВ не се убедени дека тоа ќе се случи набрзо. Затоа не се очекуваат никакви посебни промени ни доколку Вучиќ стане претседател. „Србија ќе продолжи со политиката на балансирање“, заклучува Кандељ, „но тој баланс не е во руски, туку во корист на Брисел“.