Сепаратистите задоволни од својот „референдум“
11 мај 2014Пред некои, делумно провизорно направени гласачки места во источна Украина, каде луѓето гласаат за статусот на нивниот регион, денеска се нижеа долги редици. Во градот Мариупољ со 500 илјади жители, пред осумте гласачки места имало редици од повеќе стотици метри.
Во Доњецката и Луганската област, каде денеска се одржуваат т.н. „референдуми за самоопределување“, бирачките места се отворени во 8 часот по локално време, без оглед на продолжувањето на „специјалните операции“ на киевските власти против проруските сили на истокот на Украина.
Сепаратистите изразија задоволство од текот на изјаснувањето. Во регионот Луганск гласале над две третини од луѓето, соопшти портпаролот на локалниот прес-центар Василиј Никитин. Според него, проблеми при гласањето има во регионите каде армијата го попречува изјаснувањето на „референдумот“, и тоа во селата Сватово, Меловое, Белокуракино и Троицкое. Изборните места ќе бидат отворени до 22 часот по локално време, а првите резултати ќе бидат соопштени во текот на ноќта. Независни информации за текот на гласањето нема.
Референдумското прашање гласи: „Го поддржувате ли Актот за самостојност на Доњецката Народна Република?“, а прашањето е отпечатено на украински и руски јазик, со два понудени одговори: „да“ и „не“.
Киев: Се работи за криминална фарса
Министерството за надворешни работи на Украина порача дека резултатите од илегалните референдуми кои денеска се одржуваат во Луганск и Доњецк нема да имаат правни последици за територијалниот интегритет и уредување на земјата.
„Организаторите на оваа криминална фарса ги кршат украинскиот Устав и закони“, се наведува во соопштението на украинското Министерство за надворешни работи.
Во него уште се вели дека референдумот, кој е „инспириран, организиран и финансиран од Кремљ, нема правно дејство и нема да има какви и да е правни последици по територијалниот интегритет на Украина“.
Покрај привременото раководство во Киев, т.н. референдум во источна Украина и неговиот резултат не го признаваат ни ЕУ ниту САД.
Украински војник ранет во судирите во Славјанск
Во Украина инаку прдолжуваат судирите меѓу проруските борци и владините сили. Еден украински војник е ранет минатата ноќ за време на судирите во градот Славјанск во источно украинскиот регион Доњецк, каде денеска се одржува т.н. референдум за самоопределување во организација на проруските сепаратисти. Како што соопшти денеска Министерството за одбрана на Украина, војникот бил ранет при експлозија на минофрлачка граната за време на судирите меѓу украинските безбедносни сили и проруските сепаратисти во реонот на телевизиската кула во Славјанск.
Самопрогласениот градоначалник на Славјанск, Вјачеслав Пономаров информира дека проруските сепаратистички „сили за самоодбрана“ не претрпеле никакви загуби за време на судирите. Во текот на ноќта во градот се слушале детонации од тешко оружје што траеле околу еден час, како и интензивни истрели од автоматско оружје. Од утрово градот е под блокада на украинските безбедносни сили и состојбата е мирна. Според западните медиуми, состојбата е тензична и во гадот Мариупољ на Азовското Море, каде при судири во петокот загинаа најмалку седум лица. Инфомации за повремени истрели и судири доаѓаат и од други реони во источна Украина.
Американски борци ги помагаат Украинците
Според извештај на германскиот весник „Билд ам зонтаг“, околу 400 платеници на приватна американска воена компанија им помагаат во операциите на украинските безбедносни сили против проруските сепаратисти во источниот дел на Украина. Според весникот, станува збор за платеници на компанијата „Академи“, која до 2009 година се викаше „Блеквотер“ и беше активна во борбените акции во Ирак.
„Билд ам зонтаг“ наведува дека според податоците од комуникациите меѓу командните центри на руската армија, кои ги пресретнале американските и германските разузнавачки служби, платениците на „Академи“ ја координираат и раководат операцијата на украинските сили против проруските сепаратисти во реонот на Славјанск. Засега не е познато кој ги ангажирал и кој ги плаќа платениците, наведува весникот. Германската тајна служба не ги потврди овие информации.