1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сергеј Иванов е унапреден во прв заменик-премиер

Хорст Клојзер16 февруари 2007

Досегашниот руски министер за одбрана отсега ќе се занимава со нови технологии во воениот сектор

https://p.dw.com/p/AdtG
Сергеј Иванов
Сергеј ИвановФотографија: AP

Претседателот Владимир Путин лично го донесе и објави решението за промената во владата: “Сергеј Иванов како министер ги реши задачите што му ги поставив. Поради тоа решив да го повишам неговиот статус во владата и да го проширам обемот на неговите задачи. Би било контрапродуктивно да седи на две столици и треба да се концентрира врз фактичките задачи”.

Во тие задачи во прв ред спаѓа огромниот воено-индустриски комплекс, за што Иванов е надлежен веќе од пред некое време, откако Путин го именува за заменик-премиер. Сега претседателот додаде атрибут “прв” заменик, со што Иванов го изедначи по ранг со другиот прв заменик-премиер Дмитриј Медведев, кој е надлежен за социјално преуредување на земјата. Министер за одбрана ќе биде меѓународно сосем непознатиот Анатолиј Сердјуков, 44 годишен правник, кој досега беше шеф на руските даночни власти.

54-годишниот Сергеј Иванов, кој течно зборува англиски, е верен придружник на Путин од заедничкото време во Санкт Петерсбург. И тој служеше во тајната служба ФСБ, каде му беше заменик на Путин. Тој ја преземаше задачата остро да им возврати на критичарите од НАТО кога претседателот мораше на меѓународниот паркет да настапи нешто подипломатски.

Дистанцираниот и строг министер за одбрана беше соочен со различни скандали во армијата: слабо платени војници, мизерна опрема и нечовечки третман на регрутите. Иванов смета дека подобрил многу работи: “Мислам дека веќе е остварен забележителен напредок во развојот на оружените сили. Сега ќе се занимавам со цивилни работи. Но, би сакал да ве уверам дека во изминативе шест години се навикнав на војската. Нема да ве оставам на цедило!”

Интересно ќе биде да се набљудува дали со унапредувањето пораснаа шансите на Иванов да биде наследник на Путин како претседател на изборите по една година. Медведев го карактеризира порелаксиран, помладешки начин на однесување, Иванов строгоста и блискоста со Путин и верноста кон него.