Сета моќ во рацете на Ердоган?
9 јануари 2017Парламентот во Анкара денеска почнува со расправа околу планираната реформа на Уставот која треба да доведе до претседателски систем во земјата. Според турската државна агенција Анадолу, дебатата околу новиот Устав ќе трае отприлика две недели.
За да биде донесен реформираниот Устав се неопходни 330 од вкупно 550 гласови на пратениците. АКП, која располага со 316 пратенички мандати, го нема неопходното двотретинско мнозинство во парламентот и упатена е на гласовите на ултранационалистичката партија МХП. Шефот на МХП, Девлет Бахџели, ѝ дава поддршка на бараната реформа, но во партијата има и оптор. Останатите две опозициски партии - централно-левичарската ЦХП и прокурдската ХДП - се категорично против воведување претседателски систем, со што значително би се зајакнала позицијата на претседателот, кој тогаш не би бил само претседател, туку и премиер, а парламентот би имал ослабната позиција. Тие стравуваат од „диктатура“ во Турција. Ердоган, на пример, со реформата би имал право да владее и со декрети.
По донесување на уставната реформа, за текстот во рок од 60 дена треба да се изјаснат и граѓаните. Според истражувањата на јавното мислење направени по налог на АКП, околу 45 проценти од избирачите се „за“ реформа на Уставот. За да се промени Уставот се неопходни 50 проценти плус еден глас.