Со премногу работа се заработува – смртоносна болест
17 мај 2021Студија на Светската здравствена организација (СЗО) и Меѓународната организација за труд (МТО), објавена денеска, покажува дека според проценките, само во 2016 година во светот починале околу 745.000 луѓе од мозочен удар или срцеви заболувања зашто работеле најмалку 55 часа неделно.
Според студијата, бројот на смртни случаи, предизвикани од срцеви заболувања поврзани со долго работно време, меѓу 2000 и 2016 година пораснал за 42%, бројот на смртоносни мозочни удари пак за 19%. Најголем дел од засегнатите биле на возраст меѓу 60 и 79 години, на својата возраст меѓу 45 и 74 години работеле минимум 55 часа неделно. Преработувањето, заклучува СЗО, претставува водечки ризичен фактор за професионални заболувања.
Студијата објавена во стручниот магазин „Environment International" првпат ја истражувала поврзаноста на долгото работно време и загубата на здравје, за таа цел биле анализирани податоци од десетици студии со стотици илјади учесници.
-повеќе на темата:
Четиридневна работна недела: пилот-проект во Шпанија
Нема веќе работа „од утро до мрак“?
Милиони Германци работат на повеќе работни места
Цела плата за шест часа работа дневно
Во многу земји работната недела од 35 до 40 часови е стандард, но првенствено во Јужна Азија и регионот на Западен Пацифик, таа е доста подолга. Таму луѓето со нерегулирана работа често се принудени на долго работно време, истакнува експертот на СЗО, Франк Пега.
СЗО изразува посебна загриженост поради растечкиот број на работни часови, од тоа актуелно се погодени околу девет проценти од светското население.
Кризата со коронавирусот може да значи дополнително засилување на трендот – за време на пандемијата бројот на одработени работни часови се зголемил за десет проценти, вели експертот Пега, повикувајќи се на студија на „Националното биро за економски истражувања" во 15 земји.
„Во многу бранши работата од дома стана правило, но при неа често се топат границите меѓу работењето и слободното време", објаснува директорот на СЗО, Тедрос Адханом Гебрејсус. Истовремено, бројни фирми се принудени на штедење, а ангажираните луѓе мораат да работат подолго, вели Гебрејсус. Но, тој порачува: ниедна работа не вреди толку за човек поради неа да ризикува мозочен удар или срцево заболување. Владите, работодавачите и работниците мораат да се договорат околу границите на работење заради заштита на вработените.