1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Си оди ли Визер од Македонија?

Костадин Делимитов
13 август 2018

Откако нискобуџетниот превозник ја прекина продажбата на билети за две атрактивни дестинации од Македонија, граѓаните стравуваат дека ќе останат без можноста да летаат за пристојни цени. Владата ветува нов тендер.

https://p.dw.com/p/334jK
Flugzeug der Airline Wizz Air
Фотографија: imago/H. Galuschka

Си оди ли Визер од Македонија? Нискобуџетниот авиопревозник ја прекина продажбата на билети за две атрактивни дестинации. Од Скопје до Барселона продажбата е прекината од 26 октомври, а од Охрид до Лондон два дена порано. Ова е прв конкретен потег на Визер откако минатата недела владата го поништи тендерот за доделување субвенции на кој Визер беше единствената пријавена компанија. Од Визер нема официјален став, Владата пак ветува нов тендер но не коментираат. Граѓаните негодуваат и стравуваат дека ќе останат без можноста евтино да патуваат:

„Не е добро ако прекине оваа работа бидејќи навистина ја искористивме. Еве ние неодамна патувавме во Германија, а и од таму ни доаѓаат гости. Ако сега ова прекине тогаш ќе мора да се бараат алтернативи за поевтино да се лета преку соседството, но тоа нема да биде поевтино бидејќи ќе мора и до таму да се отиде. Затоа е добро ако може да се најде решение на проблемот, коментира жителка на Скопје.

Тригодишниот договор за субвенционирање на Визер истече во јуни. Новиот тендер беше поништен поради тоа што на пликоата од понудата не било наведено полното име и седиште на унгарскиот авиопревозник. Од Владата најавуваат дека постапката набргу ќе се повтори.

Flash-Galerie Flughafen Skopje
Фотографија: Archiv der Agentur Makfa

„Наредниве денови  со информација на Влада и сите активности кои што треба да ги преземе министерството за трансопорт и врски ќе биде распишен нов јавен повик бидејќи државата има предвидено пари за субвенционирање. Стојам зад она што и претходно го кажав, дека согласно владината програма таа мерка продолжува. Државата ќе субвенционира нискобуџетни авиопревозници и во наредните денови ќе биде распишен новиот јавен повик“, изјави министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.

За проблемот со Визер и причините, односно шпекулациите околу можно заминување на оваа компанија од Владата засега не коментираат ништо конкретно.

„На Визер му истече договорот на 26 јуни но лично не сум доволно информиран во овој дел. Сакам да се информирам подетално во овој дел за да видимe каде има пропусти. Треба целосно информирање за да го соопштиме ставот околу оваа работа“, изјави Сугарески.

Приказната со нискобуџетниот Визер започна пред повеќе од пет години и предизвика бум во авиоообраќајот во Македонија. Само лани Визер превезе 1,2 милиони патници, а според планот годинава оваа бројка требаше да порасне за дополнителни 400 илјади. Државата во наредните три години планира пет милиони евра субвенции за поддршка на нискобуџетен авиопревозник. На чие конто ќе завршат засега е неизвесно.