1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Силен мандат и јасен налог за Еди Рама

27 јуни 2017

Албанскиот премиер ја постигна целта - апсолутно мнозинство. Неговата Социјалистичка партија може самата да владее. Сега веќе нема изговори, Рама мора да ги реализира ветувањата за реформи, коментира Аделхајд Фајлке.

https://p.dw.com/p/2fOvk
Edi Rama
Фотографија: Getty Images/AFP/D. Dilkoff

Еди Рама е неспорен победник на парламентарните избори во Албанија. Досегашниот премиер постигна сјајен успех за својата Социјалистичка партија. Најважната опозициска партија, Демократската, е јасно поразена. На Рама не му е потребен ни досегашниот коалиционен партнер, Социјалистичпкото движење за интеграција, ЛСИ. По речиси четири години на чело на владата, гласачите повторно му дадоа доверба и му подарија комфорно апсолутно мнозинство за да ја води Албанија нанапред. Тој е лидер кој отелотворува пробивност и модернизација, комбинација која ги привлекува избирачите во Албанија. На Рама одново му успеа овој имиџ да го стави во прв план, како комбинација од албански национален фолклор и европска култивираност. Тој брилијантно и со леснотија свири на клавијатурата на копнежите на своите сонародници, а подеднакво и на онаа на европските партнери и земји-кредитори. Тоа наидува на добар одек и буди високи очекувања. Сега Рама треба да се докаже и да успее Албанија конечно да ја поведе кон Европа.

Одолговлечените реформи ја парализираат земјата

Пред него стојат енормни задачи. Многу нешта досега беа одлагани и развлекувани поради меѓусебната блокада на партиите. Рама сега практично има одврзани раце во реализацијата на реформите. А тоа е исклучително неопходно: корупцијата, дрогите, сиромаштијата ја парализираат земјата. Илјадници луѓе седат на спакувани куфери за да ја пробаат својата среќа во странство, зашто во својата татковина не гледаат никаква перспектива. Списокот на задачи на новата влада е долга, но јасна: реформа на судството, на економијата, борба против непотизмот и производството на дрога, како и решителна политика против верскиот екстремизам.

Feilcke Adelheid Kommentarbild App
Аделхајд Фајлке

Тоа се и барањата од меѓународната заедница и ЕУ до балканската земја која од 2014. година е кандидат за прием во Унијата. ЕУ и посебно Германија, во последниве години здружно ја поддржуваа Албанија, но сега очекуваат и видлив напредок. Во Албанија, за разлика од некои други земји во Западен Балкан, ЕУ сѐуште ја нема загубено својата привлечна сила. А Рама уште ја нема прокоцкана довербата на своите партнери. Во целина, тоа се добри претпоставки за наредните месеци и години и Рама би требало да ги искористи.

Но, тој првенствено треба да се посвети на своите обврски, имено - концентрирање на својата сопствена земја. Во изминатите месеци тој постојано се мешаше во прашањата на албанското население во Македонија и во Косово, иритирајќи ги европските партнери. Тоа е многу опасно, а постојано беше оправдувано со внатрешно-политички и изборно-тактички причини. За тоа веќе не смее да има пардон!

Крајно, Рама има доволно работа во својата сопствена држава. Албанија ги има сите шанси да излезе од мрачниот агол и да стане примерна држава во Западен Балкан. За таа цел ѝ е потребна прагматична политика, која почива исклучиво врз принципите на правна држава. Само така стопанството ќе се развива одржливо, само така луѓето ќе сакаат повторно да работат на иднината на својата земја.

Историски ниска излезност

Изборите во Албанија протекоа изненадувачки мирно. По повеќе години на внатрешнополитички судири и повеќенеделен бојкот на парламентот, спроведуван од опозицијата, тоа е навистина необично. Иако, излезноста е рекордно мала. За тоа се можеби виновнии горештината и славјето со кое се одбележува крајот на Рамазан. Но, покрај општата презаситеност од политика, како причина се наведуваат и целосно застарените избирачки списоци на кои фигурираат бројни мртви луѓе. И тука новата влада мора итно да ги расчисти работите! Зашто, изминатите години масивно се манипулираше токму со избирачките списоци. Добро е што, според меѓународните набљудувачи на изборите, сега немало очигледни манипулации.

Поразената опозиција сега мора брзо да се преориентира кон силна, содржински втемелена политика. И од тој аспект овие избори би можеле да бидат нов почеток. На демократијата ѝ е потребна активна и конструктивна опозиција, токму поради претстојните реформи и демократска контрола на сега моќните Социјалисти. Зрелоста на Албанија, Европа ќе мора да ја мери и според тоа дали, и покрај понекогаш болните реформи, владата и опозицијата ќе можат да соработуваат, и дали ќе успее дијалогот меѓу Еди Рама и новиот претседател на државата, Илир Мета, кој функцијата ја презема на 24. јули. До изборите, тие двајцата беа огорчени противници во предизборната кампања. Сега, со новата поделба на улогите, мораат да демонстрираат ефикасност на демократските институции, иако на нивно чело понекогаш стојат некогашни противници. На граѓаните на Албанија можеме да им посакаме успех.