1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Синдикална битка за фотелји или за работнички права?

Костадин Делимитов30 април 2015

Паралелните маршови за 1 Мај се потврда за длабоката синдикална поделеност, предупредуваат експертите. Во битката за превласт, најмногу губат работниците

https://p.dw.com/p/1FIGV
Фотографија: Petr Stojanovski

Синдикатите во Македонија нема да го преспијат 1 Мај. Протести ќе има, но за разлика од претходните години овој пат на улица ќе излезат и од Сојузот на синдикатите на Македонија. По повеќегодишна апстиненција ССМ ќе маршира за солидарност со барања за колективни договори за сите, сигурни работни места, работен однос на неопределено време, сигурни плати за сите работници. Најголемата синдикална организација која протестите ги сметаше за застарен начин на делување, за сметка на дијалогот, овој пат се реши на промена на стратегијата. Ако досега зборуваше дека вистинската битка за работничките права се води на маса, а не од улица, сега го менува курсот. Ваквиот потег на раководството на ССМ кој се случува во период на внатрешни превирања пред претстојниот Конгрес според синдикални активисти воопшто нема за цел заштита на работничките права, туку на синдикалните фотелји:

„Ова што сега тие го прават е марш за спас на раководството. Тие сакаат да се спасат бидејќи им се разнишани фотелјите. Добро е што конечно се освестуваат но погледнете што се случува со работничките права, посебно во приватниот сектор. Никогаш не биле позагрозени. Работниците се оставени на милост и немилост на газдите. ССМ само ги штити интересите на Владата и декларативно настапува кога станува збор за правата на работниците. Еве ги сега прават вонреден конгрес, се испокараа меѓу себе, но тие за тоа немаат легитимитет. Главната битка што ја водат е кој ќе седи во зградата во строгиот центар на градот. Ние како синдикалци кои реално се бориме за подобрување на правата на работникот сме на улица, зошто и ние да немаме таму канцеларија. За разлика од нив на кои им е буквално се дозволено ние имаме апсурдни проблеми со регистрација, репрезентативност на нашето организирање и делување“, реагира Маријан Ристески, претседател на конфедерација на синдикални организациии, која заедно со уште неколку синдикати и невладини организации ќе протестираат пред владата.

Молк во ССМ

Раководството на Сојузот на синдикати на Македонија одбра да молчи за обвинувањата и нивната стратегија. Дојче веле неколкупати се обиде да стапи во контакт со претседателот Митревски кој сепак не одговори на повиците. Ваквиот развој според упатените само ја отсликува нервозата во редовите на ССМ поради како што велат очигледниот тренд на губење на поддршка кај членството:

„Се раѓа ново синдикално движење автентично кое е на страна на работниците, а не како досега синдикати на чело со Живко Митревски. Голем дел од синдикатите се претворија во мегафони на власта и со таа политика само го убиваат синдикалното организирање. Работниците ја губат довербата и затоа синдикатите кои навистина стојат зад работниците тешко можат да добијат поголема поддршка. Кај работниците владеат предрасуди дека сите синдикати се исти. Затоа велам, ССМ не прави протест за работниците, туку контрапротест за да ја исполнат задачата и да ја одбранат власта од работниците “, предупредува Здравко Савески од движењето „Солидарност“.

Zivko Mitrevski Gewerkschaften Mazedonien
Живко МитревскиФотографија: DW

Колкава е поделеноста во рамки на ССМ покажува и фактот дека еден од најголемите гранкови синдикати, УПОЗ- Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани, нема да биде на улица со „своите“ туку повторно ќе протестира рамо до рамо со Конфедерацијата на Синдикални организации, Сидникатот на новинарите и медиумските работници, Синдикатот на македонската дипломатска служба и некоплкуте невладини организации:

Бидете опуштени да не бидете отпуштени!

„Ние како членка на ССМ, изминативе пет години имаме несогласувања со раководството во делот на претставувањето, застапувањето на работничките права и од тие причини ја потпишавмме повелбата за делување со овие синдикати. Ова не е двоење туку еден поинаков поглед на работите. Но вака како то се поставени работите во ССМ очигледно дека не одат. Конфронтирањата имаа негативен одраз, ако тоа продолжи се става под прашање опстојувањето на сојузот. Не можеме да бидеме задоволни во услови кога се носат законски решенија со кои административните службеници можат многу лесно да бидат избркани од работа. Законот е рестриктивен, порано тој предвидуваше и степен на кариера, унапредување, но сега не. Оттука и нашето мото „Бидете опуштени да не бидете отпуштени“, изјави за Дојче веле Пеце Грујовски, претседател на синдикатот на УПОЗ.

Mazedonien Land und Leute
Ванчо МуратовскиФотографија: DW/Medana Weident

Експертите предупредуваат дека големо влијание во проблемите со синдикалното организирање во Македонија има и политиката. Синдикатите се окупирани од бирократските елити, а нивните челници се позаинтересирани како да ја зачуваат својата фотелја, што според нив воопшто не оди во прилог на работничките права, туку напротив:

„Ова што се случува во моментов не е заради заштита на синдикалните права и правата на работниците туку повеќе за внатре синдикално позиционирање. Се друго е само парола. Точно е дека постои незадоволство од работењето на раководството кое буквално го урниса синдикалното организирање и синдикалната борба на најниски граници, но она што сега се случува е повеќе битка од завист за позиција, привилегии што ги ужива раководството. Но ова нема да се разреши со добро, ќе има поделби во самата организација која во континуитет постојано губи. Жално е да се види како синдикатот кој е формиран уште во 1908 година буквално се урнисува. Бројките за членството доволно зборуваат. Ако на средината на 90-те години имаше над 250,000, а во 2011 двојно помалку, сега се едвај 50,000. Овој тренд е зарижувачки и им остава простор на други организации да привлечат дел од членството, кои пак од друга страна за жал се борат да добијат легитимност“, изјави за Дојче веле поранешниот претседател на ССМ Ванчо Муратовски.

Ова што се случува на синдикалната сцена според упатените може да се толкува и како затишје пред бура, пред претстојниот конгрес на ССМ на крајот на мај кога треба да се избере нов претседател. Актуелниот синдикален лидер Митревски си го „расчисти“ теренот и обезбеди да нема против кандидат што го прави извесен неговиот реизбор.