Кога ќе се зголеми минималната плата до 18 илјади денари?
20 јануари 2022Министерот за економија, Крешник Бектеши, најави дека минималната плата во текот на 2022 година ќе се зголеми минимум на 18.000 денари.
„Согласно проекциите и анализите кои се направени тоа ќе се случи најверојатно во вториот квартал од годинава“, рече Бектеши при посетата на Бирото за метрологија. Минималната плата во моментов е над 15 илјади денари, додека во вториот квартал се очекува да достигне до 300 евра.
Зголемувањето на минималната плата ќе биде една од темите кои ќе се најдат на масата и на средбата меѓу Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) и Владата, која треба да се одржи на 24 јануари. На неа ќе се разговара за барањата на Синдикатот за зголемување на минималната плата и за примената на законските измени со кои недела е прогласен за неработен ден.
Од синдикатот бараат итно зголемување на минималната плата на 18 илјади денари и скалесто зголемување на сите останати плати, а нивно барање е и утврдување на правото на регрес во јавниот сектор. На средбата, како што информираат од Синдикатот, ќе се разговара и за примената на законот со кој недела е прогласен за неработен ден затоа што од страна на одредени работодавачи се крши законот за што од страна на ССМ се доставени претставки до Трудовниот и Пазарниот инспекторат.
„ССМ јавно укажува дека отстапки нема да има и доколку прашањата не бидат решени преку социјален дијалог веднаш, ССМ ќе го повика работникот и членството на генерален сеработнички штрајк“, соопшти Синдикатот.
Бизнисмените неодамна ги оспорија пред Уставниот суд законските решенија кои овозможија недела да биде неработен ден.