1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Синото срце на Европа чука на Балканот

Б. Георгиевски/нцц9 ноември 2014

Швајцарскиот весник „НЦЦ “ во викенд изданието донесува репортажа за националниот парк Маврово во Македонија, неговите природни убавини и различните животински видови, под наслов „Последниот дом на балканскиот рис“.

https://p.dw.com/p/1DjcR
Фотографија: DW/V. Filaj-Ballvora

„Центарот за посетители на Националниот парк Маврово е една симпатична барака. Низ грмушките на патот блеска езерото. Пријателски настроениот чувар седи меѓу сувенирите и регионалните карти. Но, денеска се оди наопаку. Чуварот на паркот е нервозен. Се препотува и телефонира, а потоа ненадејно исчезнува на првиот спрат. Малата група посетители составена од новинари и екологисти го чека неговиот одговор на барањето да го посетат Луково поле, местото каде треба да се гради брана“, наведува во репортажата „Ноје Цирхер Цајтунг“.

„Во принцип, за да се посети идното градилиште, не е потребна посебна дозвола. Освен различни растенија, шумливи потоци и ветер, таму нема ништо друго. Но македонските екологисти се претпазливи. Нивната работа со недоверба се следи од директорот на паркот и од министерството за животна средина. Чекаат на најмала грешка, за да им го забранат влезот во паркот на екологистите. „За секој случај“, како што објаснуваат екологистите, писмено побарале дозвола за посетата на Луково Поле. Одговор не добиле. А сега и директорот на паркот е недостапен. Конечно чуварот успева да стапи во контакт со заменикот-директор. Тој ја забранува посетата. Смее ли? Македонските екологисти не се сигурни. Но, нивната канцеларија во Скопје веќе добила непријатен телефонски повик од директорот на паркот. Подобро е да не се ризикува, вели Ѓорѓи, еден од еколозите. Тој е зависен од добрата волја на надлежните во паркот, затоа што се занимава со истражување на балканскиот рис. А него го има речиси само во Мавровскиот парк“.

Токму иднината на балканскиот рис е една од најголемите грижи на еколозите, доколку се реализира владиниот план за изградба на брана на Луково Поле. На тоа предупредува и експертот за диви мачки од Меѓународната унија за заштита на природата, Урс Брајтенмозер. Тоа може да доведе до изумирање на еден од најзагрозените животински видови во Европа. За потребите на хидроелектраната Луково Поле планирано е искористување на водите на Радика кои ќе бидат насочени кон 71 метри висока брана. Трошоците изнесуваат околу 83 милиони евра, од кои Светската банка ќе кредитира околу 70 милиони. Поради отпорот против проектот, во меѓувреме, Светската банка побара дополнителни истражувања за неговото влијание врз животната средина.

Logo: Neue Züricher Zeitung, NZZ
НЦЦ го опишува Маврово како: последниот дом на балканскиот рис

Роми Дурст, раководителка на проектот на германската фондација Еуронатур, која тесно соработува со локалните организации, смета дека анализите на бенефитите од проектот покажуваат оти од него нема никаква корист. „Не само што со изградбата на браната ќе се загубат вредни ботанички простори, туку ќе се исушат и долините“. Енергетските придобивки исто така се мали: според пресметките на државата, централата Луково Поле ќе ја зголеми енергетската продукција во земјата за 2,2 проценти, додека втората централа, Бошков Мост ќе придонесе за пораст од 1,6 проценти. Роми Дурст предупредува дека промените што ќе се случат во Мала Река поради изградбата на Бошков Мост ќе ги загрозат и рибните видови“.

Шиканирање од власта

Во репортажата „НЦЦ“ пишува и за тешкотиите со кои се соочуваат еколошките организации во Македонија, кои се спротивставуваат на владините проекти. „Владејачките партии во Македонија во изминатите пет години создадоа политичка клима во која се реагира многу нервозно на секое спротивставување. Притоа, локалните организации се многу поинаку погодени отколку странските. Забраната за посета на Луково Поле, за меѓународните организации е покана да продолжат со истражување и при евентуален конфликт точно да ги откријат професионалноста и независноста на надлежните во паркот. Напротив, локалните активисти мораат да се помират со забраната. Во спротивно, им се закануваат бескрајни финансиски инспекции и шиканирање од властите.

Во нетолерантноста на властите можеше да се увери и групата новинари при една посета на Министерството за животна средина во Скопје. Наспроти надалеку познатото гостопримство во земјата, новинарите по десет минути беа надвор од министерството. Раководителот на одделот за заштита на животната околина не сака да дава изјави. Особено бил иритиран од тоа што гостите инсистирале да ги посетат заштитените подрачја. Во националниот парк имало уште многу други убави предели. И со тоа, дискусијата е завршена“, пишува „НЦЦ“.

Mavrovo, Mazedonien
МавровоФотографија: Petar Stojanovski

Недопрени водни текови

Швајцарскиот весник на своите читатели им го отсликува и значењето на водните текови на Балканот, цитирајќи истражувања и изјави на познатиот биолог Улрих Ајхелман.

Заради заштита на водните текови на Балканот, еколошките организации Еуронатур и Ривервоч, на почетокот на годинава започнаа меѓународна кампања. „Под плаштот на чистата енергија, меѓу Словенија и Албанија треба да се изградат 570 хидроцентрали“, вели Ајхелман. На тој начин ќе биде загрозено едно природно богатство во Европа.

На Балканот постои уникатен број на недопрени реки. Во чистите извори и дивите планински потоци, во подземните реки живеат голем број животински видови. Постои и големо богатство на растенија. Научниците тука ја истражиле хидроморфологијата (структурната состојба) на преку 35 илјади километри речни текови. Резултатите, вели Ајхелман, биле неверојатни: речиси 80 проценти од реките биле во целост или во најголем дел недопрени. Во споредба со Германија, на пример, каде само 10 проценти од речните текови се сметаат за недопрени.

„Синото срце на Европа чука на Балканот“, вели тој.