Зошто Унгарија не го испорачува Груевски?
20 декември 2021Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто, денеска во Скопје се огради околу екстрадицијата на поранешниот македонски премиер Никола Груевски, кој веќе неколку години најде засолниште во Будимпешта. Според Сијарто,станува збор за правно прашање за кое е задолжен судскиот систем.
„Ова не е политичко, туку правно прашање. Тоа е работа за судскиот систем и во Унгарија политичарите во врска со тоа не може да поставуваат прашање“, одговори Сијарто на новинарското прашање зошто Унгарија не го испорачува Груевски.
Поранешниот македонски премиер Никола Груевски побегна во Будимпешта во 2018 година, каде што доби политички азил. Во меѓувреме, во македонските судови се водат повеќе постапки против него за злоупотреби, а изречена му е и пресуда за предметот „Тенк“ од две години затвор за набавката на луксузен мерцедес.
Судот во Унгарија неколкупати го одби барањето за екстрадиција на експремиерот Никола Груевски кое го поднесе македонското Министерство за правда. Причината е одобрениот азил. Питер Марки-Заи, кој ќе му се спротивстави на унгарскиот премиер Виктор Орбан на парламентарните избори пролетта 2022 година, најави екстрадиција на Груевски.
Попречувањето на влезот во ЕУ - нечесен чекор
Унгарија бара преговорите со Северна Македонија и Албанија да почнат веднаш. Шефот на унгарската диломатија по средбата со македонскиот колега Бујар Османи одржа прес-конференција на која оцени дека изостанувањето на почетокот на преговорите е нарушување на кредибилитетот на ЕУ. Тоа што ЕУ не додели датум за започнување на преговорите со Северна Македонија, според Петер Сијарто е нечесен чекор, бидејќи земјата направила сѐ што е неопходно за да го отвори преговарачкиот процес.
„Ако сакавме да бидеме чесни ќе требаше да кажеме уште во оваа година Северна Македонија и Албанија треба да започнат со преговорите. Со почит ги замолуваме нашите пријатели од Бугарија нивните национални прашања што ги сметаат како пречка да ги реализираат во текот на преговорите, а не со попречување на започнувањето на преговорите“, рече Сијарто.
Посета на Скопје на шефот на унгарската дипломатија следи веднаш по завршувањето на декемвриските состаноци на Советот на ЕУ.