1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Скандалот со азилантите ја стигна и Меркел

Кристијан Трипе
5 јуни 2018

Бегалската криза ја стигна и Меркел. Таа мора да објасни што сѐ знаела за скандалозните услови во БАМФ и тоа по можност пред Истражна комисија, смета Кристијан Трипе.

https://p.dw.com/p/2ywTM
Symbolbild BAMF
Фотографија: Getty Images/S. Gallup

Политичките скандали следат одредена логика. Наликуваат на камен кој ја погаѓа мазната површина на едно езеро. Кога каменот паѓа во вода, прво личи на мала фонтана, а потоа се формираат концентрични кругови, кои се шират во сѐ поголем радиус. Каменот одамна пропаднал во моментот кога го развива најголемото влијание.

Фонтаната од првиот удар се случи пред неколку недели во Бремен. Директорката на тамошната канцеларија на Сојузната агенција за миграција и бегалци, скратено БАМФ, излезе на виделина бидејќи очигледно со години го кршела правото. Во соработка со адвокати и други помошници, преку нејзиниот потпис стотици луѓе добиле неоправдано азил во Германија. Тоа е во сржта на обвинувањата против неа. Но, не застанува сѐ на оваа локална приказна.

Бегалската политика на мета

Со секој нареден круг кој го предизвикува скандалот, расте и неговата димензија. Кратко потоа и други соработници на БАМФ влегоа во фокусот на истрагата. Сега се испитуваат илјадници потврди за азил од цела Германија. БАМФ е под надзор на Министерството за внатрешни работи на Берлин. Како и секогаш при обработувањето на политички пропусти, се поставува прашањето кој што знаел и од кога. Кој ги имал нужните информации и не презел политички или лични мерки? И во Министерството за внатрешни работи се занимаваат со ова кардинално прашање. Со тоа брановите на шокот го стигнаа и Берлин.

Deutsche Welle Dr. Christian F. Trippe TV Berlin
Кристијан ТрипеФотографија: DW/B. Geilert

Сега следниот бран директно ќе ја погоди Ангела Меркел: интерни документи покажуваат дека тогашниот шеф на БАМФ, Франк-Јирген Вајзе, лично ја информирал канцеларката за тешката состојба во неговата институција. Вајзе оди и подалеку и покрена тешки обвиненија против Министерството за внатрешни работи. Тврди дека таму се знаело како се поставени нештата и колку недоволно се екипирани. Со обработката на околу еден милион барања за азил за само неколку месеци институцијата била преоптоварена. Вајзе очигледно е бесен затоа што во 2015 влетал како пожарникар на канцеларката за да ја реформира институцијата.

Канцеларката со својата многу контроверзна политика за отворање на границите тогаш беше под голем притисок. Дневно доаѓаа илјадници мигранти во земјата. Вајзе постигна многу, пред сѐ успеа да го забрза процесот на барање и давање азил. Сега му префрлаат дека интерната парола „Квантитет пред квалитет“ предизвикала нови проблеми. Такво нешто разочарува.

Гневот главно е насочен кон поранешниот министер за внатрешни рабпти Томас Де Мезие, кого Меркел, на големо изненадување, не го зеде во новиот кабинет и чија политичка кариера е дефинитивно завршена. Наспроти него, други врвни функционери од најблискиот круг на канцеларката останаа поштедени од обвинувањата на Вајзе. Тоа по малку личи како планиран испад: скандалот ја стигна Меркел, но само малку.

Повеќе: 

Расчистување на азил-скандалот без хистерија

Дали во Германија се добивал азил за илјада евра?!

Дали скандалот е опасен за Меркел?

Во Берлин сега се дебатира дали Бундестагот треба да свика парламентарна Истражна комисија за да се расчисти што се случувало во Бремен и во другите канцеларии на БАМФ. Опозицијата би имала доволно гласови за да започне таква процедура. Но, Зелените се воздржани бидејќи стравуваат дека таква Комисија би можела да биде инструментализирана од десничарската АфД за општа пресметка со бегалската политика на Меркел.

Откако Вајзе го дотурка скандалот до канцеларката и нејзиниот кабинет, сѐ поверојатно е дека Бундестагот ќе состави таква Комисија. Да се навратиме на метафората со каменот во водата: кога брановите ќе стасаат до брегот се толку слаби што ништо веќе не можат да предизвикаат. Многу бранови се губат уште претхоно. За политичкиов скандал тоа значи дека за Ангела Меркел нема да е опасно она што нејзиниот поранешен чиновник толку многу го налутило.