1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Скепса во Германија за францускиот предлог

БГ
20 ноември 2019

Германските политичари сметаат дека францускиот предлог за реформа на проширувањето на ЕУ е изговор за блокада. Критики и од Брисел кои ги пренесуваат водечките весници. Се бараат преговори па реформи.

https://p.dw.com/p/3TLzB
EU-Gipfel | Brüssel | Emmanuel Macron
Фотографија: Reuters/Y. Herman

„ЕУ не функционира така“, критикува Катја Лајкерт одговорна за европска политика во ЦДУ/ЦСУ, партијата на канцеларката Меркел, по францускиот нон-пејпер за реформа на преговарачкиот процес. Таа не е единствената која вели дека е скептична во однос на францускиот предлог и смета дека тој нема многу да постигне. Добро е што француската влада дава конструктивни предлози за проширувањето на ЕУ, вели Лајкерт за ДВ, но тоа не може да се спроведува со вето.
„Не може да се спроведе реформа на процесот на проширување со тоа што ќе се условува согласноста за него со вето за почетокот на преговорите, како што тоа го стори Макрон со Албанија и Северна Македонија. Така не функционира ЕУ“, вели Лајкерт. Според неа, за реформите се потребни компромиси, а компромисите бараат време.
„Ќе го прекршиме ветувањето кон Западниот Балкан доколку дотогаш го ставиме на мраз проширувањето. Во тоа малкумина гледаат реформа на нашиот интерен процес, а многумина гледаат обид да се сопре проширувањето“.
Лајкерт смета дека и одредени предлози на Франција во нон-пејперот се проблематични.
„Во некои делови предвидени се основни чекори кон интеграција во време кога целиот процес треба да биде реверзибилен, како што е членството во Банкарската унија или слободното движење. Какви проблеми можат од тоа да произлезат и каква штета таквите реверзибилни процеси можат да предизвикаат многу јасно ни покажува Брегзит. Мора добро да се размисли дали тоа може да функционира", предупредува Лајкерт. Со идентични ставови излезе и германскиот европратеник Дејвид Мекалистер. 

Dr. Katja LeikertDr. Katja LeikertDr. Katja Leikert - Stellvertretende Vorsitzende der CDU/CSU-Bundestagsfraktion im DW Interview
Катја Лајкерт во разговор со новинарка на ДВФотографија: DW/A. Shuka

Париз бара изговор за блокада

И водечките германски весници во своите изданија се критични кон францускиот предлог. Франкфуртер алгемајне цајтунг темата ја анализира во текст под наслов „Еден чекор напред, еден назад“.
„Иницијативата (на Франција, н.з.) во Брисел наиде на мешани реакции. Се поздравува фактот што Франција јасно ја поддржува европската перспектива на Западниот Балкан. Но самиот план се оценува како претерано амбициозен, и дека Париз само бара изговор за и натаму да го одложува почетокот на преговорите“, пишува ФАЦ. Повикувајќи се на интерни извори во ЕУ, весникот натаму наведува дека преговарачкиот процес и досега бил моделиран и развиван.
„Актуелните 35 Поглавја се слично тематски поврзани како и во францускиот предлог.Повеќе се внимава реформите да не бидат само затворени, туку и спроведени во пракса. Токму затоа се преговара паралелно, а не, како што се предвидува во нон-пејперот, во фази. Притоа се споменува дека економските придобивки од интеграцијата за кандидатите беа најважниот мотив за реформи на правната држава. Сега Франција ја турка интеграцијата во заедничкиот пазар наназад- веројатно за да се заштити од конкуренција“, пишува ФАЦ.
И Зидојче цајтунг цитира бриселски дипломати кои му наоѓаат повеќе мани одошто позитивни страни на францускиот предлог.
„Има многу прашалници“, вели еден дипломат на ЕУ. Позитивно е што Париз не ја спори европската перспектива на земјите од Западниот Балкан и бара одржување на годишни самити со тие земји.
„Но листата на критики е подолга. Членките од источна Европа стравуваат дека дискусиите за методологијата на неодредено време ќе го одложат почетокот на преговорите со Албанија и Северна Македонија. Се спори и со барањето на Париз пред следното проширување да се обезбеди дека 'ЕУ е реформирана и дека може поефективно да реагира на грижите на нејзините членки'. Како тоа ќе се оценува останува отворено. И во тој поглед се стравува дека земјите-кандидати ќе извисат", пишува Зидојче цајтунг.
Денеска и германското министерство за надворешни работи уште еднаш ги опомена Французите дека реформите кои ги бараат не смеат да бидат пречка за почеток на преговорите со Скопје и Тирана.
„Ние сме отворени за разговори кои би воделе кон подобрување на процесот на пристапување, но само ако доколку не води кон дополнително одложување на пристапните преговори со Албанија и Северна Македонија", соопштија оттаму за Дојче веле.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема