1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Скопје со очекувања од средбата Меркел-Макрон во Тулуз

16 октомври 2019

Францускиот претседател и германската канцеларка денеска повторно ќе ги соочат аргументите за проширувањето на ЕУ. Дали ќе ги усогласат ставовите пред лидерскиот самит?

https://p.dw.com/p/3RMba
Japan Osaka | G20 Gipfel | Emmanuel und Angela Merkel
Фотографија: Reuters/J. Silva

Што ќе донесе за Северна Македонија  денешната средба Меркел - Макрон во Тулуз?  Претставник на германската влада во изјава за агенцијата Ројтерс потврдил дека на денешниот состанок меѓу германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон ќе биде покренато  прашањето за пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ.

„Ова е приоритетна работа за Германија и стратегиско прашање за Европската унија“, изјавил за Ројтерс неименуван претставник на германската влада.

Во пресрет на денешната заедничка седница на француската и германската влада во Тулуз, прашањето за Северна Македонија и Албанија не е акцентирано во француските медиуми во контекст на оваа средба. Вообичаните најави се дека „по минатонеделната средба во Елисејската палата,  Макрон и Меркел  повторно се сретнуваат пред напорниот европски самит, каде ги очекуваат теми - од Брегзит до Сирија“. Тие  повеќе внимание посветуваат на изменетиот сообраќаен режим поради седницата и на симболиката - зошто во Тулуз?

„А има ли подобар пример за успешна соработка меѓу двете земји од ‘Ербас'“, коментираат француски медиуми, потсетувајќи дека (покрај Хамбург) во Тулуз е седиштето каде се склопуваат авионите А350 на „Ербас", кое Меркел и Макрон денеска заедно ќе го посетат. Индустриската соработка, климата, одбраната, развивањето заеднички правила за извоз на оружје, ќе бидат темите на заедничката седница. Вечерва Макрон и Меркел ќе присуствуваат и на тркалезна маса со лидерите на најголемите европски индустриски компании, во присуство на Урсула фон дер Лајен, новата претседателка на Европската Комисија.

Соочување на аргументите

Во пресрет на седницата од Елисејската палата за француски медиуми коментираат дека француско-германската двојка „честопати била ставена на испит, но на крајот секогаш напредувала во суштинските теми“. Медиумите потсетуваат и на минатонеделната изјава на Меркел, дека  „Франција и Германија одржуваат длабоко пријателство, но нивните односи сега мора да бидат продлабочени, како на пример, постигнување договор пред секој Европски совет за заеднички позиции“.

Deutschland Balkan-Treffen in Berlin | Merkel und Macron
Меркел и Макрон - ќе дојде ли до заеднички став?Фотографија: picture-alliance/AA/A. Hosbas

Дали ќе биде така и по прашањето за проширувањето на ЕУ? Денешната средба пред лидерскиот самит се смета за (прет)последна можност францускиот претседател да се соочи со аргументите на германската канцеларка на таа тема. Според дипломатски извори,  француското спротивставување на одлука за почеток на преговори на двете балкански држави,  се должи на неколку забелешки: дека по конфликтите во 90-тите години на територијата на поранешна Југославија, новите држави се` уште не успеале целосно да ги демократизираат своите општества, да го стабилизираат регионот, ниту успешно да се справат со криминалот и корупцијата, и да спроведат ефикасни реформи. Во моментов, според извори на ДВ, во официјален Париз доминирал ставот дека „двете земји треба да направат дополнителни напори, а ситуацијата одново да се разгледа во 2020 година.“

Француско-германски начин

Наспроти  француските резерви,  многу земји-членки на ЕУ веруваат дека останувањето на балканските земји надвор од преговарачкиот процес, ќе придонесе Русија, Кина или Турција да го искористат тој стратегиски вакуум ако ЕУ ги успее да донесе одлука за преговори и да ги стави земјите под силен мониторинг за напредокот. Поддржувачите на проширувањето тврдат дека ќе се поткопа кредибилитетот на Унијата ако нема позитивна одлука по препораките за Северна Македонија и Албанија, особено по клучните договори на Скопје со Атина и Софија кои се сметаат за огромен успех на државата, но и силен пример и мотивација за регионот и пошироко.

Според домашни аналитичари, можен е пресврт до лидерскиот самит, односно по денешната средба Меркел - Макрон. Уште летово во изјава за „Политико“ официјален претставник на Франција изјави дека во однос на проширувањето ќе се донесе одлука „на француско-германски начин“, забелешка што сугерира дека Париз и Берлин сепак можат да се обидат да најдат заеднички став.