1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Слобода за Хонгконг

Данг Јуан
6 август 2019

Гневните граѓани во Хонгконг протестираат сѐ пожестоко против управата. Нивното главно барање досега не наидува на одглас. А ситуацијата може лесно да се смири, смета Данг Јуан: дајте му го народот она што го сака!

https://p.dw.com/p/3NPSf
Hongkong Proteste gegen China - Generalstreik
Фотографија: Reuters/E. Lopez

Изминатите недели во Хонгконг докажаа дека по секоја вербална ескалација, следува натамошна ескалација на ситуацијата на улиците. А во централните вести во неделата (04.08.2019) кинеската државна телевизија  ККТВ масивно дотури масло на огнот, демонстрантите ги нарече „насилни злосторници“ и упати закани: „Одмаздата ќе стигне во вистинскиот момент.“

И шефицата на управата на Хонгконг, Кери Лам во неделата ја цитираше кинеската поговорка: и жадот и обичниот камен не се поштедени од апокалипса - значи таа гледа мрачна иднина за Хонгконг ако и натаму продолжат „немири и безредија.“

Генерален штрајк

Токму затоа генералниот штрајк беше речиси логична последица: парализирање на јавниот живот во важна економска и финансиска азиска метропола. Откако во изминатите викенди веќе редовно беше блокиран сообраќајот во подземната железница и на главните соообраќајници, сега за првпат беа анулирани и преку 200 авионски летови кон и од Хонгконг, со напори за пренасочување на летовите. Многу продавници беа затворени. Полицијата пак употреби солзавец и гумени куршуми против демонстрантите. Кинеската народна армија ја демонстрираше својата сила преку емитување филм кој прикажува недатирана воена вежба за растурање масовни демонстрации. Но, ништо од тоа не ги исплаши и одврати луѓето.

Hongkong Proteste gegen China - Generalstreik
Полицијата во Хонгконг употреби солзавец против демонстрантитеФотографија: AFP/I. Lawrence

Економската штета во меѓувреме достигнува огромни размери. Според официјалната статистика, бруто домашниот производ во вториот квартал доживеа сезонски условен пад од 0,3 проценти, но само извозот во јуни е намален за десет проценти.

Уште поголема е непоправливата штета врз имиџот. Хонгконг, токму поради правната сигурност и толерантното општество, беше топ фаворит кај меѓународните инвеститори. Сега градот тоне во хаос.

Притоа, демонстрантите го побараа само она што согласно на уставот е разбирливо само по себе: тие сакаат предлогот на спорниот  закон за екстрадиција  на осомничени лица на Кина, кој беше повод за протестите, да не биде повторно ставен во процедура. Тие сакаат уапсените да не бидат изведени пред суд поради нарушување на јавниот ред. Тие бараат независна комисија да ја испита полициската употреба на насилство. Тие инсистираат на оставка на шефицата на управата, Кери Лам. И притискаат на одржување демократски избори.

Немоќната Лам

Лам, која стана неомилена кај граѓаните, а која е избрана од прокинеска комисија, од аспект на демонстрантите не реагира во доволни размери. На Лам не ѝ успеа ни оддалеку да ја смири ситуацијата.

Таа навистина изјави дека спорниот предлог закон за испорачување е мртов, но наспроти тоа не е спремна за никакви други отстапки. Ниту вети независно расветлување на случаите на полициска бруталност, ниту објави нешто околу сопствените планови, да не зборуваме воопшто за демократски избори.

А токому тоа е клучот за повторно воспоставување ред: луѓето сакаат благосостојба, слобода, самостојно да одлучуваат и директни избори. Ниту Пекинг ни пак Лам се чини дека сфаќаат оти овде станува збор за разликата меѓу два системи - копнената Кина и Хонгконг. Во Хонгконг постои мотивирано и ангажирано цивилно општество без никаков страв од власта и кое не може да биде залажано со празни ветувања.