1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Слободата и правдата не доаѓаат на црвен килим

11 октомври 2017

И денот кога „пукнала првата пушка“, но и денот „кога пукнаа првите раскрвавени пратенички глави“, како и пукањето на шамари или динамит, се јасен знак дека битката за слобода и правда ни по седум децении не е завршена

https://p.dw.com/p/2lcfk
Mazedonien Zentrum von Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Со импровизиран напад на „Участокот“, синоќа во предвечерјето на големиот државен празник 11-ти октомври, Прилеп го започна чествувањето на денот кога таму започнала првата организирана форма на борбата против фашизмот. Седумдесет и шест години подоцна, празникот се слави во слободна и независна Македонија. Пушките, униформите, бомбите... од тоа време остануваат на фотографии од изложбените паноа, извадени од архивските депоа за да ги потсетат сегашните генерации за пожртвуваноста на тие историски генерации, чија борба беше крунисана со државотвотворност за Македонија. По повеќе од седум децении, денес во Прилеп празникот се одбележува со изложба на рачни изработки „Килимијада“ и „Tuning Car Show“, две класично цивилни манифестации, сосема надвор од иконографијата за празникот.

Но, токму таа и таква „Килимијада“, симболично потсетува дека слободата не доаѓа на црвен клилим, дека не е освоена еднаш засекогаш, туку мора да биде цел на постојана борба, се разбира, денес со други средства - дијалог, соработка, разбирање... Лекцијата за ова беше предочена пред шест месеци во Собранието, кој од храм на демократијата за една вечер се претвори во срам за демократијата. Ако со гордост го чествуваме денот кога „пукнала првата пушка во Прилеп и Куманово“, како што се уште тривијално на учениците им се објаснуваат настаните од овој ден, со срам се сеќаваме на 27-ми април 2017 година, денот кога во парламентот „пукнаа првите раскрававени глави“ на пратениците од владејачкото мнозинство.

Mazedonien Erstürmung des Parlaments
Слики од Собранието кои треба да опоменуваатФотографија: picture-alliance/dpa/B. Grdanoski

Токму во зградата на парламентот денеска свечено ќе биде доделена државната награда ,,11 Октомври“- највисоко признание за животно дело во областа на науката, уметноста, стопанството и другите дејности од јавен интерес на Република Македонија. Добитниците - музичкиот уметник Влатко Стефановски и историчарот, проф. д-р Амет Шериф, денес ќе чекорат по истите килими кои на 27 -ми април повеќе беа црвени од крв. Ќе чекорат по истите ходници по кои вчера чекореа и обвинители од државното Јавно обвинителство, со цел да направат теренска реконструкција на настанот и увид во одредени безбедносно-технички процедури и состојби. И обвинителите вчера, но и наградените денеска, сигурно биле или ќе бидат легитимирани пред да им биде дозволен влез во Собранието. За разлика од нив, онаа толпа во парламентот влезе на широко отворени врати, пречекана на црвен килим од неодговорноста на неколку пратеници, на кои полесно им било да направат тешка диверзија и да му отворат порти на насилството, отколку тоа да го спречат. Тие коридори по кои ќе чекори денес, можеби ќе го потсетат Стефановски на неговиот познат референ „Чукни во дрво“, во смисла - да не се повтори никогаш повеќе! Но, обвинителите се тие што мора да направат многу повеќе од тоа. И не само тие. И оние од СЈО кои поднесоа повеќе обвиненија и за денот кога „пукна првиот динамит“, „кога пукнаа првите шамари, ендеци, клоци, отпуштања од работа...“, кога пукна вистината за најголемиот срам на Македонија. Тие петна мора да добијат правна разврска.  

Суштината на празникот не се исцрпува ниту доживува со тоа што во Прилеп, Куманово и Скопје, државни и локални делегации ќе положат цвеќе пред спомениците на хероите, ниту со тоа што ќе се одржат пригодни говори и ќе се интонира државната химна. Колку за потсетување, и пратениците на 27-ми април ја пееја државната химна во парламентот, но само еден час подоцна дел од нив отпеаја и „опело“ за демократијата, што можеше да заврши и како опело за човечки животи.

Затоа, многу поважни од чествувањата денес, се оние  „чествувања“ што вчера во парламентот ги извршија јавните обвинители, „чествувањето“ што во пресрет на празникот го направи Комисијата на Министерството за правда во Кривичниот суд, како и активностите на СЈО во одредена предистражна постапка.  Само кога со успех ќе завршат институционалните постапки за враќање на правдата и довербата во неа, за ослободување на заробените институции, на медиумите и општеството во целина, тогаш ќе може да се пофалиме дека сме оддале вистинска почит кон луѓето кои пред 76 години ги жртвувале животите за слободна и правдољубива, а не за квази слободна и демократски одродена Македонија.

Покрај заложбата - пенкалата да останат главното „оружје“ што и доликува на слободната изборна волја на гласачите, наспроти принудата, мора да се посочи и потребата од елиминирање на некои крупни аномалии. Жртвувањето на историските херојски генерации искрено ќе биде празнувано од нас, тогаш кога ќе се поправат одредени алармантно црни статистики. Не може сообраќајните незгоди денес дневно да земаат животи речиси идентични на бројките од некогашните фронтови на НОБ. За жал, ова има директна врска со современиот „патриотизам“, закачен на инфузија од провизии, кои ги полнат џебовите на современите политички херои паралелно со гробиштата, поради недоизградени патишта и небезбедност. Зарем денес бројката на смртност на новороденчиња во нови клиники и во стерилизирани услови треба да биде слична со времињата кога породувањето се извршувало дома, кога со конец извлечен од скуталето се подврзувала папочната врвца, а пресечена со исти ножици со кои се стриже стоката? И дали бројката на жртви на „демократијата“ кои преку монструозноста на разни монтирани процеси ги преполнија капацитетите на домашните затворски установи, може да е поголема дури и од „она време“.

Skopje Bauwut im Stadtzentrum Mai 2014
Фотографија: DW/N. Velickovic

Слободата не е слобода ако не се пресретнува со суштината на граѓанските потреби и права. Таа нема да заживее само ако биде уметнички аплицирана, на пример, на Триумфалната капија. Таа мора да слезе од мермерните ѕидови, од клишеата, да излезе од инкубаторите во кои е партиски негувана и дозирана, да заживее и зачекори со полн здив и капацитет. Тоа е новиот „11 Октомври“ за Македонија. Тоа е новата битка. Нејзиното отелотворување Владата го гледа во реформската „лозинка“ 3-6-9. Не е важно каков е работниот наслов. Важно е тој план да се одлепи од хартијата, да не биде само штиклирање на административно „завршени“ обврски испратени на знаење до ЕК, а кои јавноста не ги чувствува. Тие мора да заживеат во практика. Реформите во правосудството се тие што се очекуваат со најголем интерес и внимание. Ако не може да има мир без правда, тие реформи ќе бидат прв показател - дали оваа генерација ќе извојува и свои победи, денови кои ќе бидат чествувани од некои идни генерации како датуми без кои нивната успешна Македонија не би била можна - без нашиот придонес сега. Почит лесно се оддава, но се заслужува само со нови дела.