Словенија: Четворица загинати во уривање на балон со топол воздух
23 август 2012
Словенечката полиција соопшти дека во балонот се наоѓале вкупно 32 лица , од кои двајца членови на екипажот. Меѓу загинатите има и деца.
Осум луѓе се наоѓаат во критична состојба, меѓу кои и едно дете. Повредените патници се пренесени во неколку болници со здобиени изгореници и искршеници по телата.
Меѓу патниците во балонот имало и неколку странски државјани, вклучувајќи две Британки и тројца Италијанци.
Инцидентот се случил утрово на 12 километри јужно од Љубљана.
Словенечки медиуми наведуваат дека најверојатно инцидентот е предизвикан од бура. Балонот направил обид да се приземји, но удрил во едно дрво и се запалил. Некои од патниците скокнале од балонот со цел да се спасат од огнот.
Реонот на инцидентот е блокиран и моментално се врши истрага.