Случај Кавано: Протести против кандидатот на Трамп
5 октомври 2018Демонстрантите прво се собраа пред зградата на Врховниот суд за да го изразат своето незадоволство со номинацијата на Брет Кавано, кој е соочен со обвинувања за сексуални напади. Потоа протестите се префрлија пред објект на Сенатот, каде овој викенд најверојатно ќе се расправа за кандидатот на претседателот Трамп за судија во Врховниот суд.
На протести повикаа феминистички организации и здруженија за човекови права. Демонстрантите носеа плакати на кои, меѓу другото, стоеше „Верувајте им на преживеаните“ и „Не ги предавајте жените, гласајте со НЕ“. Жртви на сексуално насилство допатуваа во Вашингтон од повеќе американски сојузни држави за да им го опишат на сенаторите она што го преживеале.
Полицијата уапси 302 демонстранти, меѓу кои и актерката Ејми Шумер и манекенката Емили Ратајковски. Двете се обвинети дека илегално демонстрирале во внатрешност на објект на Сенатот.
Во меѓувреме, во Републиканската партија се зголемува увереноста дека Сенатот, и покрај тесниот однос на силите, ќе гласа во полза на Кавано. Шефот на сенатската комисија за правосудство, Чак Гресли, изјави дека истрагите на ФБИ спроведени неодамна, не дале никакви укажувања за евентуални сексуални напади извршени од страна на Кавано. Сега е време да се гласа, рече Гресли.
Повеќе: Трамп и случајот Кавано - на потег е ФБИ
Двајца сенатори кои сѐ уште не го сопштиле својот став реагираа позитивно на извештајот на ФБИ околу обвинувањата против кандидатот за Врховниот суд. Сузан Колинс рече дека извештајот изгледа како да е направен темелно. Џеф Флејкс, пак, рече дека во извештајот не може да најде докази против Кавано. Сепак, Флејкс нагласи и дека сѐ уште го нема прочитано извештајот до крај. Никој од двајцата, меѓутоа, не кажа експлицитно дека ќе даде поддршка за кандидатурата на Кавано. Трета сенаторка која сѐ уште не се изјаснила како ќе гласа е Лиза Мурковски. Таа досега воопшто нема дадено изјава околу своите оценки за извештајот на ФБИ.
Американскиот претседател Трамп во петокот од ФБИ побара да ги провери обвинувањата против Кавано за сексуални напади. Иследниците добија рок од една недела да ја завршат истрагата. Во средата вечерта извештајот на ФБИ им беше поднесен на сенаторите. Со оглед на брзината на постапката, повеќемина демократски сенатори изразија сомнеж во темелноста на истрагата на ФБИ за кандидатот за една од највлијателните судски функции во САД.
Повеќе: Обвинувања за сексуално вознемирување против судијата Кавано
Кавано е обвинет од страна на три жени за сексуални напади извршени во време на ученичките и студентските денови. Кавано категорично ги отфрла обвинувањата.
Републиканците на Доналд Трамп имаат многу тесно мнозинство во Сенатот - 51 наспрема 49 места.