1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Прифатена кауција од 10 милиони евра за Мијалков

ДТЗ
19 мај 2021

Обвинителството даде позитивни мислење за понудената гаранција, смета дека таа е доволна за да не побегне ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков.

https://p.dw.com/p/3tcd4
Nord-Mazedonien Ex Geheimdienstchef Saso Mijalkov
Фотографија: Arbnora Memeti/DW

Поранешниот прв човек на тајната служба, Сашо Мијалков со понудена гаранција од 10 милиони евра наскоро би можел да се брани од слобода.  Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција ја прифати понудената парична гаранција на поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање кој е во притвор. Мијалков е во истражниот затвор Скопје од 23 февруари, откако полицијата трагаше по него поради сомнеж за бегство.  

-повеќе на темата: Кој може да биде задоволен од пресудата за Мијалков

„Обвинителството ценејќи ги околностите и имајќи ги предвид наводите во предлогот и дополненијата за укинување на мерката притвор и нејзина замена со мерка гаранција, ценеше дека висината на понудената гаранција во доставените предлози во вкупен износ од 10.871.170,00 евра е прифатлива за обвинителството за обезбедување на присуство на обвинетиот до правосилноста на пресудата“, е ставот на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.
Мијалков издржува мерка притвор за случајот„Трезор“, каде што е неправосилно осуден на 8 години затвор. За него и неправосилна пресуда од 12 години затвор за случајот „Таргет-Тврдина“, а во тек се и судски процеси за „Титаник 2“ и за „Тортура“, кој е пред донесување пресуда. Обвинителството на 12 мај годинава,  поднесе обвинение и за случајот „Плацеви на Водно“, каде и Мијалков е меѓу осомничените.