1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Случај Морина: тест за односите Скопје–Белград?

8 август 2019

Правни експерти од Србија очекуваат клучната одлука да ја донесе македонското Министерство за правда, во согласност со законите и потпишаниот Договор за екстрадиција.

https://p.dw.com/p/3NXSp
Symbolbild Justitia Justizia
Фотографија: Imago

Домашни и првични реакции во Србија предизвика одлуката на Крвичниот совет при Основниот кривичен суд во Скопје, кој вчера донесе решение дека не се исполнети условите за екстрадиција на лицето Томор Морина за кое Република Србија побара екстрадиција од Македонија. Овој поранешен припадник на УЧК минатиот месец беше уапсен на преминот Блаце по потерница на Интерпол распишана по барање на Србија, која го товари за Морина за злосторства врз цивилното население на Косово пред 20 години.

Решението на Кривичниот суд заедно со предметот веднаш ќе биде доставено до Врховниот суд за понатамошно одлучување. Врховниот суд може да го потврди решението, да го укине или да го преиначи. Потоа таа одлука се доставува до Министерството за правда.

Токму кон таа адреса се свртени и очекувањата на Белград. 

„Постапката за екстрадиција на Морина треба да се води во согласност со Договорот за екстрадиција меѓу Србија и Северна Македонија, потпишан на 29-ти ноември 2011 година. Ако се исполнети сите услови утврдени со тој Договор, Северна Македонија има обврска  на барање на Србија да го испорача лицето побарано заради кривично гонење“, изјави за „Политика“ професорот по Меѓународно право нa белградскиот Правен факултет, Александар В. Гајиќ. Тој потенцира дека конечната одлука не ја носи судот, туку министерот за правда, и доколку екстрадицијата е регулирана со меѓународен договор, Министерството за правда е должно да ги изврши договорените обврски. 

Mazedonien Justiz Amtsgericht
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Први реакции во Србија

Веќе е извесно дека случајот Морина ќе предизвика бранувања на релација Скопје- Белград. Првите реакции стигнаа од Србија уште по изјавите на вицепремиерот Бујар Османи, кој потенцираше дека „нема никаква основа Морина да биде екстрадиран во Србија, а и кога би имало, треба да се екстрадира во Косово, а не во Србија". Тој рече дека и на Морина му испратил таква порака, откако не доби дозвола да го посети во притвор.

Повеќе на темата македонско-српски односи:

-Уценето добрососедство: Белград - Скопје виа Интерпол

-Белград и Скопје - добрососедство на стаклени нозе?!

-Вучиќ и Заев - „спуштање на топката“

Symbolbild Flaggen von Mazedonien und Serbien
Фотографија: Colourbox/A. Mijatovic

Според Гајиќ, причините за неиспорака кои ги изнесуваат оддредени официјални лица во Северна Македонија се правно невтемелени и претставуваат политички изјави кои може да се толкуваат како придонес за забошотување на злосторствата извршени на територијата на Косово и Метохија. Тој наведува дека Османи постапува во спротивност со Договорот за стабилизација и асоцијација меѓу РСМ и ЕУ. На прашањето дали признавањето на Косово е релевантно во постапката за екстрадиција на Морина, Гајиќ изјавува дека тој факт има голема политичка тежина, но не може да биде пречка за екстрадиција. Притоа потенцира дека злосторствата за кои се товари Морина се извршени на територија на Србија, во време кога Косово и Метохија биле под целосен суверенитет на Србија. Но, дури и Северна Македонија да смета дека кривичното дело е извршено надвор од територијата на Србија, таа не може да одбие извршување на екстрадиција, бидејќи истото кривично дело е предвидено и со нејзиното кривично законодавство и за истото дело може кривично да се гони и во Северна Македонија, објаснува Гајиќ.

Османи: Најдете еден пример!

Уште пред одлуката на Кривичниот суд во Скопје, запрашан заради кои аргументи Морина не треба да биде екстрадиран, вицепремиерот Османи за Дојче веле кусо изјави: „Најдете еден случај, која било држава да екстрадирала косовски државјанин за обвиненија од војната во 1999 година!

Одлуката на Судот во Скопје наиде на задоволство во Приштина, од каде претходно стигнуваа пораки дека евентуалната екстрадиција на Морина во Србија може да ги наруши односи меѓу Косово и Северна Македонија. Но, во домашната јавност немаше таков впечаток. Клучниот коментар беше: „Ако не се нарушијa oдносите кога Косово одби да ги екстрадира двајцата првообвинети во случајот ‘Монструм' за петкратното убиство кај Смилковско Езеро, зошто да се нарушат сега?“

По вчерашната одлука на Судот, меѓу првите во домашната јавност се огласи пратеникот во македонскиот парламент од Демократската партија на Србите во Македонија, Иван Стоилковиќ.

„Во актуелните политички и дипломатски притисоци врз Србија, на Македонија нема да ѝ биде дозволено да биде добар комшија со Србија и тоа само го потврдува фактот дека Македонија има само една функција, а таа е да води политика која секогаш ќе биде антипод на Србија, односно анти Србија, за сметка на Голема Албанија и на отворената бугаризација", напиша тој на Фејсбук.

Mazedonien Justiz Amtsgericht
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Реагираше и поранешниот пратеник Павле Богоевски.

„Во поглед на прашањето Србија/Косово, го поддржувам правото на самоопределување и независноста на Косово (став кој официјално го дели и нашата држава). Но, како можеме да очекуваме некој друг да ни ги врати нашите побегнати криминалци, кога ние не го правиме истото? Ова е погрешниот тип на политичко влијание врз судството. Се’ додека имаме високи владини претставници, вице-премиери и градоначалници кои однапред го наведуваат судството во која насока треба да одлучува - нема да имаме судство“, оцени Богоевски.

Морина, кој е во екстрадициски притвор од 25-ти јули, со одлука на Кривичниот совет ќе останеа таму до одлучување по предметот од страна на Врховниот суд.