Кој е во игра за нов амбасадор во Вашингтон?
5 март 2021Додека медиумите лиферуваат најразлични комбинаторки околу можните кандидати за пополнување на амбасадорските места, меѓу кои и за „најпосакуваното“ во САД, премиерот Зоран Заев порачува дека нема да коментира се додека не добијат агреман. Одговарајќи на новинарско прашање дали е точно дека професорот Љубомир Фрчкоски нема да биде амбасадор во Вашингтон, бидејќи не е добиена согласност, Заев вели дека ниту Владата, ниту која било институција коментира именување амбасадори додека не завршат постапките за која било земја или на кое било ниво.
„Дури многу често и именувањето на почесните конзули не го коментираме додека не заврши постапката. Кога ќе завршат сите постапки, односно одлуки на влади, агреман од претседателот, агреман од земјата домаќин каде испраќаме амбасадор, соопштуваме бидејќи седницата во парламентот е јавна“, вели Заев.
Заев потврдува дека слушнал околу комбинаториките за Фрчкоски како амбасадор - но во Њујорк, а не во Вашингтон. „За еден амбасадор прво се носат одлуки на Влади, па се добива агреман од претседателот, па агреман од земја-домаќин“, вели Заев.
Истото го потврди и министерот за надворешни работи Бујар Османи во дебатниот магазин „Клик плус“ на ТВ21. Тој рече дека името на професорот Фрчковски дека е кандидат и информациите дека се повлекува биле од медиумите. Тој потенцираше дека се додека Министерството за надворешни работи не потврди одредена кандидатура за назначување на амбасадор, не треба да се земе како официјална вест.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека власта направила скандал и ја понижила САД. Според партијата, „на ранг на дипломатски скандал е што владата мислеше дека домат-дипломатијата на Заев – Димитров може да направи пробив со скандал мајстор како Љубомир Фрчкоски“.