1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Смртоносната врска меѓу Сан Бернардино и Пакистан

Шамил Шамс/Б. Георгиевски8 декември 2015

Врската меѓу убијците од Калифорнија и Пакистан уште еднаш ги исфрли на површина опасностите од оваа земја како извозник на тероризмот. Експертот за Ислам Ариф Џамал објаснува зошто таа опасност не смее да се игнорира

https://p.dw.com/p/1HIY9
Фотографија: Reuters/FBI

ДВ: Каква е врската на напаѓачите од Сан Бернардино Тахфин Малик и Сијед Фарук со радикалните исламистички групи во Пакистан, и колку тие влијаеле врз нивното однесување?

Ариф Џамал: Се уште немаме автентични информации за врските меѓу масовните убијци од Сан Бернардино и радикални исламистички групи во Пакистан или на друго место. Ташфин Малик (на насловната фотографија) била релативно либерална и модерна жена во нејзиното семејство во Пунџаб до пред неколку години. Неколку членови на нејзиното семејство и припаѓале на терористичката организација Ахлај Сунат Вал Џамат, но досега нема докази дека и таа припаѓала таму.
Исто така и Универзитетот Бахаудин Закарија во градот Мултан, каде студирала Малик, важи за центар на исламистички групи. Иако индоктринацијата веројатно започнала многу порано, кај неа била забележлива радикална промена пред неколку години, особено откако се преселила во САД. Се чини дека парот бил индоктриниран од американски исламистички организации.

Како го толкувате тврдењето на „Исламската држава“ дека нејзини „поддржувачи“ го извеле нападот во САД?

Многу е веројатно дека атентаторите од Сан Бернардино биле под влијание од ИД да се дигнат на оружје против „неверниците“ од Западот без практична поддршка од милитантните групи од Блискиот Исток. Впрочем, досегашните докази јасно упатуваат кон тој заклучок. Повикот на ИД на џихад против Западот е всушност насочен кон луѓе кои се очигледно индоктринирани и потребен им е поттик да извршат насилство. Делува како ИД да успева со својата стратегија да ги дестабилизира западните држави.

Што ги тера американските муслимани кон групи како ИД?

Најважната причина зад фасцинацијата на муслиманите со џихадизмот во САД и во други земји е нивниот синдром на жртви. Џихадизмот ги учи дека неуспесите на муслиманите како поединци и како заедница се предизвикани од неверниците, против кои мора да се борат, како што им налагаат исламските правила.

До кој степен саудискиот вахабизам, кој според многу експерти им го дава идеолошкиот поттик на глобалните џихадистички групи, има влијание врз американските муслимани?

Arif Jamal
Ариф ЏамалФотографија: privat

Вахабистичката и салафистичката интерпретација на Куранот се основата на подемот на глобалниот џихадизам. За разлика од другите исламски учења, вахабизмот и салафизмот се повикуваат на буквална интерпретација на исламските скрипти. Целта на салафизмот е создавање на калифат сличен на оној од најраните времиња на исламската историја, кога муслиманите биле во постојана војна со остатокот од светот. Трите најголеми џихадистички организации- ИД, Џамат уд Дава (или Лашкар е Таиба) и Боко Харам- се салафисти.

Какви, според вас, ќе бидат последиците од убиствата во Сан Бернардино врз Пакистанците и муслиманите кои живеат во САД?

Муслиманите во САД се под огромен притисок од општеството. Веќе имаше напади врз џамии и исламски центри. Американските муслимани велат дека атмосферата во нивните канцеларии станува тензична. Некои ми велат дека ваква реакција не доживеале од нападите од 11 септември. Со оглед на тоа што еден од напаѓачите беше жена, муслиманските жени исто така станаа сомнителни во очите на немуслиманите. Муслиманските жени досега не беа цел на таква омраза.

Ќе изврши ли администрацијата на Обама притисок врз Исламабад да расчисти со радикалните исламистички групи или ќе продолжи со мекиот однос кон својот сојузник?

Администрацијата на Обама најверојатно ќе го зголеми притисокот врз Пакистан да им се спротивстави на џихадистичките групи и да ги затвори џихадистичките 'фабрики', но малку е веројатно дека тоа ќе функционира без економски или воени санкции. Вербалниот притисок не функционираше во последните 15 до 25 години. Веројатно ќе видиме некоја полуискрена акција од пакистанските власти против радикалните групи, доколку се најдат доволно докази за нивна вмешаност. Ништо повеќе.

Ариф Џамал е независен новинар кој живее во САД. Автор е на повеќе книги на тема исламски радикализам.