1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Со блокада на преговорите, се блокираат и изборите!

Катерина Блажевска12 декември 2015

Ако на партиите навистина им се важни изборите, тогаш не треба да го кочат спроведувањето на обврските од Договорот од Пржино, предупредуваат аналитичарите

https://p.dw.com/p/1HMGR
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Игнорирањето на Анкетната Комисија од страна на функционери на ВМРО-ДПМНЕ и ќорсокакот во кој западна изборот на тројца експерти во Државната изборна комисија, предизика нови пробивања на роковите од Договорот од Пржино. Власта и опозицијата си ја префрлаат вината за неуспехот: ДПМНЕ го обвинува СДСМ дека намерно го блокира процесот за да се одложат изборите на 24 април, а СДСМ вели дека власта се залага за нова партизација на ДИК, наместо за професионална и независна Комисија. Запрени се и преговорите за медиумски реформи, а месецов од функцијата треба да се повлече и премиерот Груевски, за да се испочитуваат законските рокови, бидејќи најдоцна 100 дена пред изборите, односно до 15 јануари, треба да се избере нов преоден премиер. Со оглед дека многу обврски се нереализирани, а времето тече, од експертски кругови стигнуваат предупредувања дека ваквиот цајтнот не гарантира дека ќе има време да се создадат услови за фер и регуларни избори.

Kombobild Zoran Zaev und Nikola Gruevski

Опозицијата посветена на Договорот

Иако како Дамоклов меч виси опасноста од избори по „стар терк“, што беше и една од причините за политичката криза, во здружената опозицијата се надеваат дека обврските ќе бидат завршени. Според лидерот на НСДП, Тито Петковски, опозицијата и натаму ќе вложува максимални напори Договорот да се спроведе.

„Треба да се направи се што е во нашите можности, со помош и на добронамерните совети од меѓународната заедница, за целосно реализирање на Договорот. ДПМНЕ од почетокот на политичката криза ниту посакуваше ваков развој, ниту го посакуваше Договорот. Да потсетам, Груевски изјавуваше дека нема да има избори или дека избори може да има но без ДПМНЕ, дека не прифаќа формирање преодна влада, дека нема да даде оставка... Сето тоа се случи. Се чека уште неговата оставка. Проблемот е што тој сака избори но под негови услови. Опструира, за да си ги подобри шансите и има еден фројдовски пристап: за се што тој прави или планира да прави, ја обвинува опозицијата“, вели Петковски.

Според него, ако нема време да се создадат услови за регуларни избори, тогаш таквиот проблем би требало да го нотираат гарантите на договорот, по евалуација на реализираното досега. Амбасадорите на ЕУ и САД, Аиво Орав и Џес Бејли, неделава веќе предупредија дека сите рокови се пробиени.

„ЕУ е особено загрижена, бидејќи уште еден рок беше пробиен, а не се избраа тројца независни експерти во ДИК. Нема повеќе време и ги поттикнувам партиите да го завршат ова. Би сакал да потсетам дека препораката од ЕК што ја доби вашата земја беше условена и зависи од имплементацијата на договорот од Пржино“, укажа Орав.

Делегацијата на ЕУ вчера изрази и целосна поддршка за посредникот Питер Ванхауте, кој беше критикуван од Груевски, дека „одмага во процесот“.

Mazedonien Skopje Peter van Houte
Фотографија: DW/P. Stojanovski

„Целосно ги поддржуваме напорите кои ги прави Ванхауте за имплементација на Договорот. Како делегација убедени сме дека експертите како Ванхауте се од суштинска важност во ситуацијава“, соопшти Делегацијата на ЕУ.

Ванхауте не ги коментираше обвинувањата, но кусо изјави: „Kога некому не му се допаѓа пораката, го убива гласникот. Тука сум да постигнам резултати, согласно со европските вредности и стандарди. За некои луѓе ова може да е проблематично, но исто така верувам дека постои само еден начин за напредок кон интеграција во НАТО и ЕУ“.

Изборите ќе го смират „вулканот“

Аналитичарите не се оптимисти дека преговорите ќе завршат во „разумен рок“.

„Очигледно е дека ДПМНЕ го опструра Договорот, обидувајќи се без аргументи вината да ја префрли на СДСМ“, вели аналитичарот Исмет Рамадани. Причините за ова ги гледа во стравот на власта од можно покренување обвиненија за нејзини функционери.

„Власта е исплашена од две работи. Ако има обвиненија ќе влезат во фаза на презумција и стравуваат дека крајот може да биде фатален. Второ, се плашат дека во таква ситуација нивниот електорат ќе се соочи со прашањата колку длабоко партиското раководство е влезено во криминал“, вели Рамадани. Тој оценува дека некаков разумен рок за завршување на обврските е 20 декември, а потоа ќе биде доцна за се. Во случај дотогаш да не се реализираат обврските, најверојатно ќе се одложи датумот на избори, ќе се продлабочи кризата, но и притисокот од меѓународната заедница.

Марјан Ѓорчев, поранешен функционер на ВМРО-ДПМНЕ, пак, смета дека без оглед на околностите, само избори може да го смират македонскиот вулкан.

„Документите од Пржино се тешка обврска за сите потпишани страни. Меѓутоа тие се и единствен излез за македонскиот политички часовник да почне да чука во нашиот препознатлив 7/8-ски ритам и политичката сцена да биде врамнотежена. Клучен момент за тоа се изборите на 24 април. Колку и да изгледа дека има големи тешкотии да се усогласат власта и опозицијата и да се прифатат сите претходно договорени обврски, сите политички чинители со нетрпение ги чекаат изборите. Секој со своја математика! Според мене, изборите ќе го смират македонскиот политички вулкан. Зошто? Прво и најважно - изборниот резултат ќе биде јасна порака на македонските граѓани до политичарите, нивна оценка дали изговорените зборови во политичките кампањи биле искрени. Граѓаните имаат некое 'шесто сетило' да го почувствуваат тоа! Од друга страна, единствен начин ЕУ да го утврди актуелниот политички капацитет на Македонија, е преку изборниот процес. Преку изборите, така барем било досега, ќе се цени нашата подготвеност за европско утре. Дотогаш да го сработиме сите она што го знаеме и можеме“, порачува Ѓорчев.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема