Со „нуклеарна опција“ против правосудната реформа во Полска
20 јули 2017Времето за внимателни формулации истече: ако оваа реформа биде спроведена, „судиите ќе работат според проценката на политичкиот врв“. Преку пакетот закони, што изборот на уставните судии, како и контролата на нивните пресуди ги подредува на владата, „се укинува независноста на судиската независност во Полска“, оцени потпретседателот на Европската комисија, Франс Тимерманс.
Последен повик за пресврт
Комисијата во Брисел веќе една и пол година се расправа со сѐ повеќе како антидемократски оценетиот курс на владата на ПиС (Право и правда, владејачка партија, н.з.) во Варшава. Прво имаше опомени, потоа на почетокот на 2016-та е отворена постапка за државноправноста, која со себе донесе и проверка на полската реформа на правосудството од страна на правната комисија на Советот на Европа. Варшава остана глува на во неа содржаните задршки и препораки. Сите натамошни обиди за влијание останаа безуспешни. Сега реагира Комисијата, повикувајќи се на нејзината улога на чувар на Европските договори, бидејќи смета дека е загрозена нејзината веродостојност.
„Овие реформи не се во согласност со полскиот Устав. Но, со укинувањето на независниот Уставен суд ова прашање и не може да биде третирано“, вели Франс Тимерманс. За него е јасно дека пакетот закони не е во согласност ниту со европските вредности и принципи, според кои земјите членки се обврзани да имаат демократски структури. Тука бездруго припаѓа поделбата на законодавна, извршна и правосудна власт, како и независноста на последнава. „ЕУ се заснова на принципот на правна држава“, вели комесарот, додавајќки дека доколку некаде тоа е загрозено, тогаш засегнати се и сите останати земји.
Нуклеарна опција
Откако сите обиди проблемот да се реши преку разговори со полската влада беа неуспешни, Комисијата сега се заканува со т.н. „нуклеарна опција“: ако реформските закони бидат донесени уште неделава како што е планирано, тогаш Комисијата следната недела според член 7 ќе одлучува за прекршување на Договорот. Во бриселски кругови тоа го нарекуваат „нуклеарна опција“, затоа што последица е најтешката санкција во ЕУ - одземање на правото на глас на земја членка во европскиот Совет. „Ако сме организација која се заснова на правила, мора да бидеме подготвени да го применуваме и членот 7“, вели Тимерманс.
Овие мерки против членки на ЕУ кои отстапиле од вистинскиот демократски пат беа воведени во 1999-та со Договорот од Амстердам во контекст на претстојното проширување на исток. Тогаш постоеја стравувања дека поранешните комунистички држави нема да се држат до демократските принципи на ЕУ. Членот 7 никогаш досега не бил користен, но се чини дека е скроен по мерка на случајот со Полска.
Примената се одвива во двостепена постапка: според член 7.1 Советот ќе изрече формална опомена. Според член 7.2 потоа може да се донесе заклучок за укинување на правото на глас на земјата членка. Но, прагот за носење таква мерка е висок: прво мора да се добие согласност од Европскиот парламент, потоа Советот на самит треба да добие едногласна согласност за заклучокот. Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, веќе најави дека нема да ја даде својата согласност, бидејќи владата во Варшава ја смета за свој политички пријател.
Под знак прашалник е дали заканата кон полската влада воопшто може да се реализира. Но, со самата закана со член 7 Европската комисија веќе ја извади својата најтешка артилерија. Политичката порака е јасна. Топката сега е префрлена на земјите членки.
Разумни санкции?
Европскиот парламент веќе во понеделникот со големо мнозинство во отворено писмо ги осуди полските планови за реформи во судството. Шефовите на пратеничките групи на демохристијаните, социјалдемократите, либералите, зелените и на левицата критикуваат дека со мерките ќе биде ослабена правосудната власт. Плановите на Варшава се неспоиви со „европските договори и со членството во Унијата“. Пратеникот на Зелените, Рајнхард Битикофер, вели: „Полска влада која дома сака да владее диктаторски, според европското право не смее да има право на глас во европските институции. Комисијата, парламентот и земјите членки не смеат да имаат дилеми околу тоа дека оваа одредба (член 7) може да се спроведе.“
Марк Пјерини од Фондацијата Карнеги Европа пак има дилеми дали правните инструменти во ЕУ може да доведат до добро решение. Да се сузбие популизмот во крајна линија треба да е задача на граѓаните. „Она што е одлучувачко е резултатот од изборите - доколку тие се слободни и фер.“ Позитивните резултати во Франција и Холандија би требало да ги охрабрат политичарите ширум Европа да се спротивстават на ваквите негативни појави. Сепак, со оглед на ограничувањето на слободата на медиумите, прво во Унгарија, а потоа и во Полска се поставува прашањето за „слободата“ на гласањето на следните избори.
Друга опција е Полска да се удри по џеб со кратење на европските средства за Варшава. Но, за такво нешто во актуелната фискална година нема можност, па треба да се сочека следниот буџет. Комесарот за правда на ЕУ, Вера Јурова, во интервју за весникот „Оснабрикер цајтунг“, вели дека почитувањето на основните права и принципи на правната држава мора да е предуслов за исплата на европски средства. Таа нагласува дека не може да си замисли „германски или шведски даночни обврзници сакаат да плаќаат за создавање еден вид диктатура во друга европска земја“. Полска е најголемиот нето-примач на средства во ЕУ. И германската канцеларка Ангела Меркел на последниот самит во Брисел најави можност за кратење на средствата во следниот буџет.