1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Со писмо од Јанева сите предмети на СЈО се селат во ЈО

БГ
4 септември 2019

Специјалното јавно обвинителство денеска информира дека обвинителката Катица Јанева од притвор испратила полномошно за префрлање на сите предмети во Јавното обвинителство

https://p.dw.com/p/3OzJJ
Nord-Mazedonien
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Катица Јанева од притвор, со писмо, ги овластила обвинителите од СЈО да ги предадат сите предмети кои се водат во тоа обвинителство на Јавното обвинителство. Од СЈО денеска со соопштение потврдија дека полномошното на Јанева ги опфаќа сите предмети: кривичните предмети во судење, во истрага и во предистрага.

„Во текот на вчерашниот ден до ова Јавно обвинителство од страна на Основниот кривичен суд Скопје доставено е полномошно кое Катица Јанева преку КПУ „Затвор Скопје“ го доставува до ова Јавно обвинителство. Со полномошното Јанева ги овластува обвинителите во ова Јавно обвинителство да ги предадат на Јавното обвинителство на РСМ предметите кои се водат во ова Јавно обвинителство и тоа: кривичните предмети во судење, во истрага и во предистрага“, се наведува во соопштението на СЈО.

Оттаму информираат дека најпрво ќе го запознаат јавниот обвинител Љубомир Јовески со писмото од Јанева, а потоа во СЈО ќе решаваат како ќе постапуваат понатаму. 

Со ваквиот чекор, Јанева фактички прави обид да ги спаси предметите кои се во опасност да пропаднат, поради нејзината извесна смена од функцијата. Обвинителите од СЈО практично и досега беа само застапници на Јанева пред судот, и по нејзиното разрешување би останале без овластувања. 

Катица Јанева е во притвор од 21 август, откако беше осомничена во истрагата за случајот „Рекет“. На 29 август, Советот на јавни обвинители едногласно донесе одлука за почеток на процедура за разрешување на Јанева од функцијата.
Во четврток на оваа тема треба да расправа собраниската Комисија за избори и именувања, по што ќе треба да се изјасни и парламентот.