Со солзавец против противниците на Ердоган
28 декември 2013Сцени на гонети демонстранти среде најголемата шопинг улица во Истанбул. Онаму каде вообичаено илјадници минувачи се шетаат низ пешачката зона во правец на плоштадот Таксим, силите за безбедност сега стрелаа гумени куршуми.
Демонстрантите се мобилизираа преку социјалните мрежи (Твитер и Фејсбук) и повикаа на протести против корупциската афера на плоштадот Таксим во 18.00 часот.
Повикот го следеа повеќе илјади луѓе. Застапени беа сите старосни и општествени групи: млади жени, пензионери, семејни татковци, студенти и бизнисмени, кои сакаа да протестираат против однесувањето на турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган.
Демонстрантите меѓутоа беа протерани од улиците. Се слушаа само уште поединечни извици: „Фатете го крадецот!“ или „Насекаде поткуп, насекаде корупција“ - пароли кои укажуваат на големата тема, која повеќе од десет денови ја окупира земјата.
Камења врз полицијата - солзавец против демонстрантите
Демонстрантите фрлаа камења врз полициските службеници. Маскирани лица гаѓаа и со пиротехнички средства врз лицата во униформа. Полицијата одговори со водени топови и гумени куршуми, а облаци солзавец се проширија низ истанбулскиот шопинг центар. Упасени беа повеќе од 30 лица, меѓу нив и неколкумина адвокати.
Во Измир и во Анкара исто така на улиците излегоа повеќе илјади луѓе. Еден постар човек изјави: „Сакаме Турција да излезе од овој хаос. Ги сакаме нашите права, нашата слобода. Сакаме демократија“. Еден друг човек појаснува: „Овде сум за да кажам: Запрете го конечно ограбувањето на Турција. Овде сум за да ја осудам корупцијата и да побарам оставка на владата“.
Ердоган го правда „исфрлањето“ на критичарите
Паралелно со демонстрациите во Истанбул, премиерот Реџеп Таип Ердоган, кој се враќаше од изборна манифестација, беше поздравен од илјадници приврзаници на партијата АКП на аеродромот Ататурк во Истанбул.
Ердоган упати големи обвинувања во правец на критичарите во сопствените редови, пред сѐ кон тројцата парламентарци од неговата партија, кои го оценија за погрешен неговиот курс во корупциската афера и ја напуштија АКП. Такви луѓе мора да бидат истфрлени, повика Ердоган. Премиерот негодува и поради правосудните и истражните власти: „Суверенитетот не ѝ припаѓа на јудикативата. Суверенитетот не ѝ припаѓа ниту на владата. Тој му припаѓа на народот“.
Во редовите на правосудните органи Ердоган претпоставува дека има приврзаници на движењето Ѓулен на Фетула Ѓулен, кого премиерот го обвинува за истрагата за корупција и тешката политичка криза во земјата.
Во меѓувреме за збор се јави и ЕУ и побара од Ердоган „транспарентно и непартиско расветлување“ на скандалот. Комесарот за проширување на Европската унија Штефан Филе истакна дека како ЕУ кандидат Турција би морала „да ги почитува политичките критериуми за пристап“.