040509 Opel 2 Fiat
5 мај 2009Шефот на „Фиат“ зборува за „небеска свадба“ со „Опел“, но неговото воодушевување не го споделуваат во Германија. Овде се страхува дека со фузијата ќе бидат загубени многу работни места. Производната програма на двете фирми е многу слична - мали, како и семејни автомобили од средна класа. Со здружување на развојните и производствените оддели можат да се заштедат многу пари. Серџо Маркионе дојде во Берлин за да ја разбие скепсата кај политиката и синдикатите.
Дали е на повидок втор по големина концерн во светот?
„Марката ’Опел‘ треба да биде зачувана. Ќе остане и германската централа на фирмата, како и сите германски погони за завршна монтажа. Но, има и потреба од консолидација, од што во Германија може да биде погоден погонот во Кајзерслаутерн“, извести министерот за стопанство Карл-Теодор цу Гутенберг по средбата со Маркионе.
Во Кајзерслаутерн се произведуваат мотори и други компоненти. Опстанок би бил обезбеден за погоните во Риселсхајм, Бохум и Ајзенах. Новиот концерн, со удел и во американскиот „Крајслер“, би бил втор по големина во светот, зад „Тојота“. Но, „Фиат“ за преземањето на „Опел“ бара и финансиски гаранции од германската и од други европски влади.
„Ние нема веднаш да се определиме дали концептот е издржан или не. Тој е секако интересен, но вклучува и значителна мера на финансирање, се споменуваат пет до седум милијарди евра - тогаш таков товар мора да се подели во рамките на Европа“, вели министерот Гутенберг.
На потег е австриско-канадската фирма „Магна“
Сојузниот министер за надворешни работи и социјалдемократски кандидат за канцелар Франк-Валтер Штајнмајер е поскептичен и се залага за задржување на сите 4 погони на „Опел“. Пред разговорот со Маркионе, тој демонстративно го посети погонот во Ајзенах. „За мене е битно да се обидеме да ги обезбедиме работните места во ’Опел‘, и овде во Ајзенах исто така. Се надевам дека сме сега во финишот. Решението за приватни инвеститори во ’Опел‘ мора да биде мудро подготвено“, рече Штајнмајер.
„Фиат“ ги отвори картите. Сега е на потег другиот интересент, австриско-канадскиот лиферант за автомобилската индустрија „Магна“, подробно да ги изложи своите планови.
Автор: Матијас Белингер / Зоран Јордановски
Редактор: Александра Трајковска