Со што се занимавале пред да станат познати личности?
Со што се занимавале познати луѓе од светот пред да станат глобални ѕвезди? Многумина од нив имале сосем „обични“ професии. Издвоивме неколку занимливи примери.
Нена - златарка
Во 70-те години оваа дама се викала Габриеле Сузане Кернер и и‘ била непозната на јавноста. Како и многу други родители, и нејзините сакале ќеркичката да изучи некој пристоен занает. На пример за златарка. Нена ги послушала и почнала со обука во 1977 година. Паралелно се занимавала и со музика, а резултатот е една од најголемите музички кариери во Германија.
Ози Озборн - месар
Ози Озборн потекнува од англискиот индустриски град Бирмингем. Татко му работел во железарница, а мајка му во фабрика за автомобили. Не е ни чудо што младиот Ози се занимавал со водоинсталатерство, работел како сликар и помагал во погребно претпријатие. На крајот се вработил како месар.
Том Џонс - трговски патник за правосмукалки
Неговите афери се легендарни. Но, пред дамите да почнат на концертите да му ги фрлаат на бината своите градници, овој Британец во својата татковина одел од куќа во куќа и продавал правосмукалки. Малку подоцна почнал да пее во пабови и тогаш бил откриен неговиот талент.
Шон Конери - спасувач на базен
Веројатно најпознатиот актер кој некогаш го глумел Џемс Бонд уште во своите најмлади денови имал посебна аура. Работел се‘ и сешто за да им помогне на своите родители. Развозувал млеко, бил бодибилдер, па спасувач на базен. На познатата плажа Портобело, во близина на својот роден град Единбург во Шкотска, уште тогаш ги залудувал жените.
Род Стјуарт - гробар
Легендата вели дека за првото работно место на Род Стјуарт „виновен“ бил татко му. Тој сакал син му да заработува со свои раце, а Род во младите години повеќе се интересирал за фудбал и за гитари. Тој разнесувал весници, помагал на гробиштата во Лондон. Наводно, за да успее да го совлада стравот од смрт, кој го прогонувал уште од детството.
Папата Франциско - вратар
Во својата младост во Аргентина, пред да и‘ се посвети целосно на верата, папата Франциско работел како вратар, и тоа со истенчено чувство, како што истакнува подоцна самиот. Тоа, вели тој, му помага денес да ги враќа луѓето повторно во црквата.
Џенифер Анистон - чистачка
Дека и денес многу славни некогаш биле сиромашни, доказ е познатата актерка Џенифер Анистон. Таа во младоста морала да се издржува работејќи и како чистачка на тоалети.