1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој се плаши од истрагите на СЈО?

БГ
4 октомври 2016

Мнозинството пратеници во Собранието попладнево ги отфрлија бараните измени во Законот за СЈО и Законот за заштита на сведоци. Пратениците на ДУИ не се појавија на расправата

https://p.dw.com/p/2QqwT
Mazedonien - Das Parlament
Фотографија: MAKFAX

Пратениците во Собранието го отфрлија барањето на специјалната обвинителка Катица Јанева за продолжувањето на рокот за покренување на обвинение од сегашните 18 месеци, како и барањето да се направат измени во Законот за заштита на сведоци. Очекувано, на предлогот се спротивставија пратениците на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, откако партијата деновиве го најави таквиот чекор. Позитивно за првиот предлог гласаа 36 пратеници, а за вториот 42 пратеници. 

Од опозициската СДСМ, која ги стави измените на дневен ред на Собранието, најавија дека гласањето ќе биде тест за тоа кој се плаши од истрагите на Специјалното јавно обвинителство, т.е. кој нема интерес СЈО да ги истражи сите индиции за кривични дела кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите.

Mazedonien Sonderstaatsanwältin Ristoska, Janeva und Fetai in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

„Сите што тврдат дека снимките од незаконското следење на комуникациите се лепени, сечени, креирани и монтирани, ако се уверени во тоа, треба да гласаат за овие законски измени со кои се овозможува темелна и непречена работа на СЈО, за да можат во законска постапка да ги докажат ваквите тврдења“, изјави портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов.

СЈО е постојано цел на напади и блокади во својата работа, како од владејачката партија така и од други државни институции. Особено важна е измената во Законот за заштита на сведоците. Јанева од 1-ви април годинава бара измени кои ќе овозможат целата постапка на давање статус на заштитен сведок да ја води СЈО. Пред десетина дена таа повторно ги повика пратениците да ги изгласаат измените за, како што рече, „да може СЈО да навлезе во сржта на предметите 'Нешковски', 'Монструм' и 'Сопот'“. 

Според актуелното законско решение за заштита на сведоци, предлог за вклучување на одредено лице во Програмата минува од јавниот обвинител на Република Македонија врз основа на писмено барање добиено од надлежен јавен обвинител, преку судија кој постапува по предметот, па сѐ до МВР. Потоа одлучува Советот, а за евентуално продолжување на вклученоста во програмата одлучува повторно Советот на предлог на јавниот обвинител.
Според адвокатот Александар Тортевски, кој е советник во СЈО, во целиот процес се инволвирани премногу луѓе.
„Луѓето го знаат тоа и со право се плашат за себе и своето семејство. Се бара СЈО да ја спроведува таа цела постапка од почеток до крај, со што ќе се охрабрат многу луѓе да ја кажат вистината и да се расчистат многу случаи“, вели Тортевски.