1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Смртоносен крај и трошка надеж

Зоран Арбутина
30 ноември 2017

Не можеше да биде поспектакуларно: во судницата еден од обвинетите пие отров и малку подоцна умира. Но, ова не може да ја засени важноста на Хашкиот трибунал, смета Зоран Арбутина.

https://p.dw.com/p/2oVyG
Niederlande Den Haag - UN Tribunal: Slobodan Praljak
Фотографија: picture-alliance/AP Images/R. v. Lonkhuijsen

Каков крај за работата на Трибуналот на ОН против воени злосторства во Ден Хаг: кратко откако му беше одбиена жалбата и потврдена казната од 20 години, поранешниот генерал на босанските Хрвати,  Слободан Праљак  стана и гласно изговори: „Јас не сум никаков воен злосторник, ја отфрлам пресудата!" и испи некаква течност од мало шишенце што го носел со себе. Потоа само додаде: „Ова беше отров". Кратко потоа почина во болница. Ова беше медумски совршено инсценирано самоубиство. Праљак кој има три универзитетски дипломи, и има работено како телевизиски и театарски режисер, го испи отровот пред вклучени камери свесен дека многумина во Хрватска, но и во Босна и Херцеговина го следат изречувањето на пресудата во живо на телевизија.

И тој беше во право: медиумите во Хрватска се натпреваруваа во објавувањето на тажната вест за смртта на „хрватскиот херој." Хрватскиот претседател како и министерката за надворешни работи ги прекинаа своите посети во странство за што поскоро да се вратат дома. Хрватскиот премиер Пленковиќ изјави: „Овој чин сведочи за длабоката морална неправда против Хрватите во Босна и Херцеговина "

Рутинска постапка

Секако дека ова предизвика негативни реакции против трибуналот. Се зборува за некомпетентност и неправда, како и за заговор против Хрватите и Хрватска. Хрватскиот претставник во Претседателството на Босна и Херцеговина, Драган Човиќ отиде и подалеку со реакцијата и изјави: „Судиите се само марионети на оние кои ги испратија таму." Но имаше и реакции со поддршка за Трибуналот, на пример од босанскиот член на Претседателството, Бакир Изетбеговиќ.

Но настрана од трагичното, но во исто време демонстративно самоубиство на Праљак, се гледа дека се работи за рутинска и востановена пракса на овие процеси. Судиите во Хаг ја изрекуваат пресудата. Едната страна се смета за победник, другата ја активира машинеријата на бес и негодување. Не игра голема улога дали се работи за Хрвати, Срби или Босанци. Во Србија неуморно повторуваат дека во Трибуналот има најмногу осудени Срби со вкупна казна од 1200 години, како и четири доживотни казни. Хрватска еве сега има маченик, кој беше подготвен да умре за своите убедувања и својот народ.

Секако е несреќна околност за Хашкиот трибунал ја заврши работата со ваков настан.  Но, не и неочекувано. Уште од почетокот Трибуналот беше напаѓан од многу земји на поранешна Југославија. Често судиите беа обвинувани за корупција и некомпетентност. Во судницата имаше и бизарни настапи на основачот на Српската радикална партија, Воислав Шешељ, или агресивни испади на српскиот претседател Слободан Милошевиќ. Салата беше напуштана, а судиите навредувани.

Arbutina Zoran Kommentarbild App

Светло на крајот од тунелот ?

Билансот на Меѓународниот суд за поранешна Југославија е особено позитивен. За речиси 25 години беа осудени 161 лице, испитани над 4600 сведоци и собрани повеќе од 2,5 милиони документи. Бројни високорангирани политичари или воени водачи мораше да понесат одговорност пред судот, како и други воени команданти кои и не претпоставувале дека ќе се најдат пред суд.

Фактите беа така изнесени што никој рационален ум не може да ги оспори. Конечно многу жртви добија можност да се соочат со своите насилници во судницата без да се плашат за својата безбедност.

Трибуналот има големо значење и за понатамошниот развој на меѓунадоната правда. За првпат Советот за безбедност на ОН се реши принципите на Повелбата на ОН да не ги брани со оружје туку со правни средства. Германскиот судија Вофганг Шомбург затоа збрува за еден „квантен скок на патот кон поголема правда."


Ова исто така им отвора можност и на народите од поранешна Југославија за помирување и справување со минатото. Но овој потенцијал до сега не е искористен. Пред се политичките елити порадо бираат да ги поттикнуваат традиционалните непријателства кои им гарантираат успех. Сега и Слободан Праљак со неговото спектакуларно и медиумски одлично инсценирано самоубиство придонесе кон тоа. И тоа не беше случајно, туку пресметан потег.

Но, и кога ќе се смират реакциите и ќе спадне бучавата, веројатно ќе биде можно да се повика на соживот и да се развијат нови перспективи за иднината. Тоа е нешто што им е многу потребно на сите земји од поранешна Југославија.