1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Криминал

Сознанија во „притвор“, шпекулации на слобода

15 март 2021

Додека српски медиуми информираат дека е „приведен еден од најбогатите Македонци“, во бугарски пишуваат дека „е притворен бизнисменот предлаган од Бугарија за почесен конзул“.

https://p.dw.com/p/3qdWA
Nord-Mazedonien |  Orce Kamcev, mazedonischer Unternehmer
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Ниту од Обвинителството, ниту од Агенцијата за национална безбедност не може да се дознае за содржината на сознанијата до кои дошла (АНБ) околу наводната подготовка за бегство на бизнисменот Јордан Камчев, освен неофицијални оценки дека дека станува збор за темелна информација и навремена реакција. Токму тие сознанија биле основа МВР да го лиши Камчев од слобода, Обвинителството да побара притвор во траење од 30 дена, а судот да ја определи таа мерка. Во недостиг на информации, во јавноста се шират безброј шепекулации, а според содржината и околностите, во наредниот период може да добиваат повеќе политички отколку, правен предзнак.

За разлика од неодамнешната епизода со Мијалков, кога обвинителката Русковска од свои извори добила информација дека тој се подготвува за бегство, па се обидела тие сознанија да ги провери со МВР и АНБ, овојпат насоката е обратна - сознанијата ги имала АНБ.

Секогаш кога станува збор за притвор врз основа на сознанија/службени белешки, постоеле сомневања околу веродостојноста на тие образложенија, односно сомнеж во мотивите. Според правници, таквите сознанија навистина мора добро да бидат добро објаснети, поткрепени и аргументирани, за судот да има основа да донесе соодветна одлука. Но признаваат дека кај нас имало исклучоци од добрата практика.

Nord-Mazedonien |  Orce Kamcev, mazedonischer Unternehmer
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Одбраната бара докази

„Какво бегање“, одговори Камчев пред судот на новинарско прашање -дали планирал да бега, а неговиот адвокат се обиде да објасни дека сите деловни активности на Камчев говорат спротивно од намера за бегство. 

„Нема евидентен доказ дека господин Камчев ќе ја напушти Македонија. Напротив, инвестира во ова време на пандемија, во отворање на нови одделенија, вработување на нови доктори, има деловни потфати во Македонија за здравјето на луѓето“, рече адвокатот Тони Менкиновски.

Тој оцени дека изрекувањето притвор е без докази, туку само на индиции, бидејќи двата пасоша на Камчев се во суд, а има приложено и гаранција во имот. 

Повеќе:

-Камчев: Јас сум жртва која се бори за правда во земјата

-Рускоска: Не верувам дека имало ГПС во торбата со пари на Камчев

-Кој го намести Јордан Камчев

Притворањето на Камчев предизвика бројни шпекулации, а го привлече и вниманието на медиумите во соседството. Додека медиуми во Србија претежно информираат дека е „приведен еден од најбогатите Македонци“, во бугарски медиуми акцентот е ставен на фактот дека „е притворен бизнисменот предлаган од Бугарија за почесен конзул".

За Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Камчев е едно од шесте осомничени лица за кои во октомври минатата година обвинителството донесе Наредба за спроведување на истражна постапка заради постоење на основано сомнение дека сториле кривично дело - Перење пари и други приноси од казниво дело од чл.273 од Кривичниот законик, во истрагата за случајот наречен „Плацевите на Водно".

Според Обвинителството, при крај е истрагата за овој случај, во кој првоосомничен е поранешниот премиер Никола Груевски, второосомничен е неговиот братучед и поранешен шеф на УБК Сашо Мијалков, третоосомничен е Ристо Новачевски, кум на Груевски, а следат Јордан Камчев, Ненад Јосифовиќ и Ратка Камчева.

Осомничени за перење пари

Во октомври минатата година, кога Обвинителството донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против шесте лица, обвинителката Вилма Русковска побара притвор и замрзнување на имотот за осомничениот Ристо Новачевски.

Според наводите на Обвинителството за овој случај, првоосомничениот купувал плацови со пари од донации за ВМРО-ДПМНЕ, а други го прикривале сопствеништвото на земјиштето.

„Во периодот од 2006 до 2012 година првоосомничениот искористувајќи траен однос и исти прилики противправно за себе присвоил туѓи подвижни предмети што му биле доверени. Имено, тој како претседател на политичка партија дел од паричните средства кои во овој период ги примил лично или преку општинските комитети на партијата како донации за финансирање на политичката партија, не ги прикажал како примени донации во финансиските квартални извештаи на партијата и од нив за себе присвоил пари во износ најмалку од 1.300.360 евра или 79.972.140,00 денари“, соопшти Обвинителството.

Nord-Mazedonien | Vilma Ruskoska, mazedonische Staatsanwältin
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Вториот чекор следел во периодот од октомври 2012 година до септември 2013 година, кога средствата прибавени со кривичното дело – затајување, ги пуштил во оптек со купување на градежно земјиште на Водно.

„Второосомничениот, иако знаел дека паричните средства се прибавени со кривично дело, стапил во контакт со сопственик на веќе регистрирана офшор фирма во Белизе и побарал документацијата, печатите и жиро-сметката да му бидат дадени на располагање. Во јули 2012 година била основана фирма – ќерка во Скопје на која, по претходен договор со првоосомничениот, станал управител третоосомничениот. На сметката на правното лице во повеќе наврати биле пуштени во оптек средствата прибавени со кривично дело. По постигнување на согласност за купопродажната цена, третоосомничениот во својство на управител на правното лице извршил плаќање кон сопствениците на земјиштето, со што бил прикриен изворот на парите и вистинскиот сопственик на земјиштето со вкупна површина од 11.000м2“, образложи Обвинителството.

Нови сопственици

Третиот чекор следел во периодот од 20-ти јули 2015 до 26-ти јуни 2019 година, по јавно објавените разговори кои ја откриле сопственоста на градежните парцели.

„Со цел да се прикрие вистинскиот сопственик, третоосомничениот како управител на правното лице, ја пренел сопственоста на друго правно лице. Тој, по претходен договор со првооосомничениот, користејќи полномошно издадено од сопственикот на правното лице од Белизе ја пренел сопственоста на правното лице чиј управител е петоосомничениот, а шестоосомниченото лице се јавува како краен сопственик на правното лице. За да се прикрие локацијата, движењето и сопственоста на имотот „новите сопственици“ донеле одлука за преименување на правното лице и одлука за физичка делба на парцелата од 6785м2 на три нови парцели. За да ја прикријат локацијата и сопственоста плацовите биле пренесени на физичко лице без платен удел, но со определен рок од 3 години за исплата на купопродажната цена“, беше наведено во соопштението на обвинителството лани во октомври.

Во истиот период републичкиот јавен обвинител, Љубомир Јовески изјави дека покрај плацевите на Водно се истражуваат и други недвижности во врска со тој предмет.