1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сон за „Новорусија“

Б.Фирних / З. Јордановски2 ноември 2014

Наспроти отпорот на владата во Киев, проруските сепаратисти организираат избори во самопрогласените народни републики на истокот на Украина. Политичката поделба на Украина натамошно се „цементира“.

https://p.dw.com/p/1DeUI
Фотографија: Inna Kuprijanova

Група жени се моли за мир и за нивниот сон за една нова земја - Новорусија. Нивните мажи работат во рударска јама во Доњецк, која се наоѓа во соседство на црквата.

Нивните дедовци дојдоа во Доњецк во екот на социјалистичката индустријализација на Русија за да работат во рудниците. Еден од нив беше и дедото на Алек, а и татко му работеше овде.

Црквата до денес припаѓа кон Московската патријаршија. Свештеникот секоја недела го моли рускиот патријарх за помош; во овие времиња особено. За оваа мала, затворена заедница е еден вид патрон-заштитник.

„Ние сакаме да постои Новорусија како признаена земја, како комплетна држава. Би било убаво кога ние би можеле овде да живееме со нашата сопствена култура, со нашата сопствена историја и религија. Не сакаме принудно да ни наметнуваат туѓи вредности“, вели една од жените кои се молат.

Друга оценува:

„Самоволието на Украина против нашата Новорусија не може да се сфати со нормален човечки разум.“

Многумина овде на украинската влада и’ ја префрлуваат одговорноста за крвопролевањето. Во рударската населба сите сонуваат за Новорусија.

Wahlkampagne in Donezk
Фотографија: Inna Kuprijanova

Краток појадок пред почеток на рударската смена. За да ги заработи 4-те илјади гривни, односно 250 евра месечно, 37-годишниот Алек мора да работи и в недела. Во рудникот тој работи од својата 17-та година. За олигарсите нема убави зборови:

„Не сакаме веќе да го храниме Киев со нашите даноци, повеќе сакаме парите да бидат наменети за наше добро, овде во Донбас. Поради тоа сметам дека Новорусија е подобра.Сакаме индустрискиот регион Донбас да биде автономен, како Крим, со сопствени министри и сопствен претседател, како и на Крим.“

Тој ништо не посакува повеќе, отколку стан што би му бил достапен. Како порано во Советскиот Сојуз станот на дедо му. Сега на киријата оди речиси половината од неговата плата.

„Во Русија луѓето живеат многу подобро отколку овде. Тоа го знам од телевизијата“, вели Алек.

А, на прашањето кога последен пат бил во Русија, тој мора да размисли:

„ВО 80-тите години, во советско време“.

Оттогаш никогаш повеќе.Како и многу други овде, Алек го глорификува стариот Советски Сојуз и копнее по светот на сјај и раскош од Русија, што го знае од телевизија.

Неговата сопруга Наташа е медицинска сестра. Таа е поскептична во однос на новите властодршци отколку мажот и’:

„Луѓето се крајно несигурни. Никој не знае што го очекува. Јас само знам дека ме прави тажна што нас во Украина не‘ сметаат за бандити.“

Денеска во самонаречената Доњецка народна република се избира сопствен парламент и претседател. Еден од кандидатите за идни функционери е професорот по економија Игор Костенок. Тој смета дека Спогодбата за асоцијација со ЕУ би имала катастрофални последици за регионот:

„Ако овде бидат спроведени договорите што ги потпиша претседателот Порошенко без согласност на раководството од Доњецк и Луганск, тоа би довело до затворање на рудниците и до слом на целиот индустриски регион“.

Оти рудниците не одговарат на европските стандарди. Тие се на ниво како во Рурската област во Германија во 50-години на минатиот век. Порано тие беа дел од старото советско индустриско производство. Блиските врски се одржуваат до денес.

Во моментов самонаречената Народна република зависи од помошта од Русија. Од Москва пристигна конвој со прехранбени производи. По повеќемесечните борби во милионската метропола Доњецк малку кој може самиот да се прехрани. Најголем дел од постарите со месеци веќе немаат примено пензија.

Wahlkampagne in Donezk
Ретко кој во Доњецк се осмелува јавно да се декларира за УкраинаФотографија: Inna Kuprijanova

Пред службите има само една тема: Новорусија. Нема мнозина кои се со поинакво мислење и се осмелуваат да го кажат тоа. Сепак, една стара дама вели:

„Ја сакам Украина, а не Русија. Русија мора да си оди одовде. Не сакам никаква Нова Русија, сакам да живеам во Украина, оти таа е мојата татковина. Јас сум Русинка, но Украина сепак ми е татковина и јас ја сакам“.

Таа воопшто нема право да го каже тоа, ја надвикуваат. Старата дама вели дека веќе нема што да загуби. Многу други, помлади луѓе, напротив тешко се осмелуваат јавно да се декларираат за Украина. Преголеми се непосредните закани.

Порано Доњецк беше собиралиште за луѓе од најразлични култури. Сега се чини дека речиси сите, со исклучок на малкумина, имаат една цел: Новорусија.