Сорабистиката - „ендемски вид“ во академскиот свет
5 јули 2011Бројот на студентите е мал, само петмина седат во предавалната на Универзитетот во Лајпциг. Тие го изучуваат јазикот и културата на Лужичките Срби, западнословенски јазик.
Еден од студентите е Полјакот Јакуб Сокол. Јакуб има едногодишна стипендија и студира на Универзитетот во Лајпциг на катедрата по Сорабистика. „За мене беше големо изненадување кога дознав дека во Германија се’ уште постојат Лужичките Срби. Тоа се мои браќа и сестри, со кои можам да разговарам, оти јазикот е словенски, исто како и полскиот. Мислам дека јазикот и културата на Лужичките Срби се многу интересни. И затоа овде студирам една година сорабистика.“
На Институтот се запишани вкупно 30 студенти. Повеќе од нив студираат за наставници. Многумина самите се по потекло Лужички Срби, кои откако ќе ги завршат студиите повторно сакаат да се вратат во Лужица, нивната татковина.
„Сето е многу фамилијарно. Се познаваме меѓу себе. Студентите и професорите се пријатели и си помагаме едни со други. На располагање ми стојат многу материјали. Кога дојдов, исто така бев срдечно пречекан.“ По само неколку месеци Јакуб го владее јазикот на Лужичките Срби речиси без грешка. Тој планира неговата дипломска работа да биде за Лужичките Срби, оти е фасциниран од животот на ова мало малцинство во Германија.
„За мене тоа е богатство во културата. Зачувани се различни обичаи, носии и култури, што кај другите Словени е многу ограничено, меѓутоа кај Лужичките Срби е поинаку. Се разбира и јазикот, кој е составен дел од традицијата. Исто така и верата, имено поголемиот дел од Лужичките Срби денес се католици. Тоа поттикнува поддршка меѓу луѓето. Тоа за мене беше многу интересен аспект, кој на лице место го набљудував и доживеав.“
Сличности меѓу западнословенските јазици
Покрај Јакуб, на предавањата по граматика присутна е и Мариана Колиова. Таа во Братислава студира германски и словачки и исто како и Јакуб на одредено време престојува во Лајпциг. „За жал само за една година. Лајпциг и студиите за јазикот и културата на Лужичките Срби многу ми се допаѓаат. Радо би останала уште две, три, четири години, ако е тоа можно.“
Заедно со Јакуб го изучуваат јазикот на Лужичките Срби, јазик кој е многу сличен со словачкиот. „Всушност, секој Словак може да го разбере. Не целосно, но, 60 - 70 проценти. Јазиците се слични, оти и двата се западнословенски јазици.“
Сорабистика меѓутоа не е студиски правец на кој се изучува само јазикот на Лужичките Срби, како што можеби некој претпоставува, појаснува Хајнц Рихтер, професор на Мариана и Јакуб. Од него двајцата студенти учат многу за културата на Лужичките Срби, нивната историја и географија. Притоа, научната дејност е во преден план. „Нашите студии по сорабистика се вообичаени филолошки студии, како и сите други. Студените го изучуваат јазикот, литературата, културата, мораат да го владеат јазикот како и германистите, германскиот. Полагаат испити, значи станува збор за студии врз научна основа, кои бараат да се вложи труд и да се чита стручна литература. Истото е и со народот на Лужичките Срби. Ние сме сосема нормален народ со проблеми, страдања и радости, а не само со песни, носии и танци.“
Споредбена анализа
Мариана Колиова се одлучи да и‘ се посвети на литературата на Лужичките Срби. И кога ќе се врати во Братислава, и натаму ќе се занимава со јазикот и литературата на Лужичките Срби. „Во мојот магистарски труд ќе се занимавам со сорабистиката, со компаративна тема. Поврзан ќе биде со литературата и ќе станува збор за сликата за Германците во литературата на Лужичките Срби и сликата за Унгарците во словачката култура. Во овој контекст сигурно постојат паралели.“
Оној кој владее некој источно или западнословенски јазик е добредојден во Лајпциг на Институтот за сорабистика. Мариана и Јакуб се воодушевени од семејната атмосфера во Лајпциг, меѓународниот дух и пред се’ прегледноста на бројот на студентите. На Институтот, доцентите и професорите имаат разбирање за секого.
Автор: Марк Михел / Александра Трајковска
Редактор: Горан Чутаноски