Софија - последен обид за интервенција во преговарачка рамка
3 ноември 2020Решавање на споровите преку билатерален пристап, но и силен притисок да ги вметне билатералните прашања меѓу Софија и Скопје во преговарачката рамка за Северна Македонија. Ова е „формулата“ со која официјална Софија ја води дипломатската офанзива, од чиј исход ќе зависи дали таа ќе стави вето на првата меѓувладина конференција, со која треба да започнат преговорите на Северна Македонија со ЕУ.
Според бугарски медиуми, позицијата на Софија треба да биде позната уште утре ( 4-ти ноември) кога ќе се одржи состанок на Комитетот на постојани претставници на земјите членки на ЕУ (КОРЕПЕР). Во тоа ја гледаат и причината што шефовите на дипломатиите на Бугарија и Северна Македонија, Екатерина Захариева и Бујар Османи, и македонскиот вицепремиер задолжен за европски прашања Никола Димитров вчеравечер се најдоа на исто место: во Берлин, на средба со германските министри за надворешни работи и за Европа, Хајко Мас и Михаел Рот. Тоа е само една од средбите на која се бара решение за бугарските позиции во однос на предлог-преговарачката рамка што ја изготви германското претседателство со Советот на ЕУ.
Реален напредок, нереални барања
Захариева во повеќе наврати најави дека Бугарија нема да ја прифати преговарачката рамка во предложената форма, а одржувањето на меѓувладината конференција го услови со „реален напредок“ во духот на Договорот од 2017 година. Софија побара откажување од официјалната употреба на терминот македонски јазик, и фуснота дека бугарската страна не признава македонски јазик како одделен од бугарскиот. Во преговарачката рамка побара внесување на клаузула за исполнување на Договорот како дел од целиот процес на присоединување, внесување на добрососедските односи и исполнувањето на Договорите со членки на ЕУ (Бугарија и Грција) во условите и оценките од поглавјето 35, испраќање вербална нота до членките на ООН со која земјата се откажува од претензии кон географскиот регион Северна Македонија од кој дел е и во Бугарија, и конкретни резултати на заедничката комисија.
Со изјава против вето
Според бугарски извори запознати со обидите за решавање на проблемите меѓу Бугарија и Северна Македонија, Софија била загрижена што Договорот меѓу двете земји не се спроведува со очекуваното темпо и што нема гаранции (ги нема во Договорот), дека Северна Македонија ќе се придржува до него и по влегувањето во Унијата. Во однос на спроведувањето на Договорот, Бугарија има повеќе забелешки, меѓу кои тежината е ставена на бавната работа на заедничката Комисија за историски и образовни прашања, за економската соработка и за прашањето за малцинствата. Од тие причини, за најсигурна опција го смета обидот да ги реши тие проблеми сега, за да не се појават повторно спорови кога Северна Македонија ќе стане членка.
Повеќе:
Германска дипломатска офанзива за компромис меѓу Скопје и Софија
Захариева, Димитров и Османи во Берлин го решаваат спорот
ФАЦ: Бугарските барања кон С. Македонија не му припаѓаат на 21. век
Илчев: За македонскиот јазик Бугарија е на губитничка позиција
Како потврда дека за посочените прашања има контакти на дневно ниво од високи функционери во двете земји, изворите ги посочуваат изјавите на македонскиот премиер, Зоран Заев, дека недоразбирањата може да се решат и со изјава дека Република Северна Македонија или кратко Северна Македонија се однесува на територијата на денешната држава; дека таа нема територијални претензии кон Бугарија или соседите; дека се согласува со она што стои во Уставот и во Договорот со Бугарија - немешањето во внатрешните работи на соседните земји е принцип во кој земјата верува; да сe потврдат успесите кои досега ги постигнала заедничката комисија; да преземе обврска за зајакнување на економската соработка и за интензивирање на изградба на Коридорот 8.
Билатерални прашања
Но, грижите на Софија во моментов се поголеми поради тоа што од Брисел доаѓаат пораки дека ваквите прашања се решаваат на билатерално ниво, а не низ преговарачкиот процес меѓу ЕУ и земјата кандидат.
Според македонски извори, се бара начин како да се приближат позициите на двете страни, но сосема е јасно дека македонската не отстапува од именувањето на јазикот како македонски.
Иако од Софија стигнуваа сигнали за можен лесен компромис (тие да ни ја признаат реалноста, ние историјата) во превод „трговија на јазикот за историјата“, според извори упатени во разговорите таквиот пристап се смета за неприфатлив.
Темата ги надминува релациите Софија-Скопје. Според бугарски медиуми, доколку бугарската влада ги блокира преговорите со Скопје, истото мора да го стори со Албанија, имајќи предвид дека официјалниот бугарски став е дека двете земји треба да се движат кон ЕУ истовремено.