1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Социологија на ѓубрето

Гордан Георгиев
12 март 2019

Ѓубрето оди рака под рака со примитивизмот. Ѓубрето околу нас е огледало на нашиот примитивизам, необјаснив за нас и за другите околу нас. Колумна на Гордан Георгиев

https://p.dw.com/p/3EsDi
Gordan Georgiev
Фотографија: privat

Кога би направиле анкета за тоа кој е најголемиот „тривијален“, покрај познатите нетривијални, проблем во државата кој би можел да ве натера да се исселите од овде, убеден сум дека мнозинството граѓани би рекле дека тоа е ѓубрето околу нас и загадениот воздух во нас. Паралелата со Кант не е случајна. За патронот на филозофијата на моралот двете најфасцинантни нешта кои постојано го прогонувале и го воодушевувале се „небото и ѕвездите над нас и моралниот закон во нас“. А небото и моралниот закон се две необично поврзани нешта. Особено во небеска Македонија. Воздухот што го дишеме и ѓубрето кое не' опкружува се во директна врска со моралот кој ни недостасува. Во апстрактна смисла, кога би се изолирале од контекстот во кој живееме, нема поглупаво нешто од тоа да фрламе ѓубре на улица, во парк или каде ќе ни текне. Просто е незамислива нашата глупавост и несвесност дека тој отпадок кој го фрламе кој-каде-ќе-стигне директно се враќа во нас. Преку воздухот кој го дишеме, на семејната трпеза преку храната што ја јадеме и низ водоводните цевки во водата која ја пиеме или во езерото во кое се капеме. Ѓубрето оди рака под рака со примитивизмот. Ѓубрето околу нас е огледало на нашиот примитивизам, необјаснив за нас и за другите околу нас.

Оваа небулоза во објаснувањето на овој само-деструктивен феномен за жал не е доволна да ни го реши проблемот. Македонија и понатаму е полна со ѓубре, и тоа ѓубре се гледа, насекаде околу нас е. Ние буквално се давиме во ѓубре. Не постои странец што дошол во нашата држава а да не го забележал ова. „Како е можно, имате прекрасна клима, прекрасна храна, прекрасни луѓе, а вие се давите во ѓубре?!?“- вели типичниот посетител.

Deponie Rusino bei Gostivar in Mazedonien
Фотографија: DW/S. Toevski

И навистина, зошто по ѓаволите ѓубрето кое ние самите го продуцираме, го фрламе таму кадешто не треба? Како може дворот да ни е чист, дома на тепих да не фрламе ѓубре, а истите тие „ние“, кога ќе излеземе од нашиот праг фриволно да ја залепиме гумата за џвакање или отпушокот од цигарата веќе на првата кривина? Како е можно да бидеме аптекари дома а ѓубриња надвор од дома?

Постојат две комплементарни теории за нашето „ѓубре“ поведение. Првата е добро познатата теорија од урбаната социологија наречена „Теорија на скршениот прозорец“. Оваа теорија едноставно и ефикасно го објаснува феноменот присутен во нашата држава а наречен урбан трулеж (urban decay). Таа вели дека кога во влезот на вашата зграда, на пример, има скршен прозорец, расфрлано ѓубре или расипани лифтови, а куќниот совет долго време не ги санира овие работи, голема е веројатноста дека вие како станар на зградата ќе се навикнете на таквата состојба и ќе ја прифатите како нормална и вообичаена. Со текот на времето, вие веќе не се чувствувате ниту загрозен ниту засрамен и вие да скршите прозорец или да фрлите ѓубре или отпушок во вашиот или туѓ влез. Поентата е дека доколку во општеството се појават „скршени прозорци“ (појавни облици на криминал, насилство, непристојно однесување во јавен простор итн.), државните институции мораат остро да реагираат и брзо да ги санкционираат престапниците. Доколку тоа не се случи, се разбира дека сите оние кои се подложни да направат некаков престап, ќе бидат охрабрени да го сторат тоа доколку гледаат дека државата или заедницата во која живеат нема ефикасен механизам да ги спречи или да ги санкционира. Фрлањето ѓубре на јавни места, непречено и неказнето, е типичен феномен на „скршен прозорец“ кој секојдневно го доживуваме и го практикуваме. 

Други колумни од авторот:

-Сѐ ќе заврши во првиот круг

-Изникнало криво крувче

-Културата на Бети, на Роберт и на Асаф

Втората теза е пострашна и потешко решлива од првата. Таа се базира на нашиот однос кон околината во која живееме. Тоа е немањето чувство за припадност надвор од иминентното „наше“. Така, сето она што е надвор од нашиот мал свет во кој живееме (нашиот стан, куќа или двор) не е наше, не го доживуваме како наше. Тоа е туѓо и ние немаме потреба да го чувствуваме за свое, особено затоа што немаме повратен импулс дека тоа туѓото не' доживува нас како негови. Односот на општината кон нашите потреби, односот на државните институции кон нашите барања, корупцијата во сите пори на живеењето а особено таканаречената ситна корупција со која се соочуваме и која ја практикуваме секојдневно. Ова се работите кои не ни даваат чувство на припадност кон нешто пошироко од нашиот дом. Нашето маало, нашиот град или село, нашата држава, тие не се наши бидејќи не ги третираме како наши. Елементарната лојалност кон општото добро (кое е и наше) и општата разочараност кон услугите коишто ги очекуваме (и ги плаќаме) се исто така дел од приказната за ѓубрето. Грубо срочено, државата ја третираме како ѓубре, или контејнер за фрлање на нашето „ѓубре“. 

Но тука има и нешто повеќе од нашите очекувања дека државата или општината треба да ни ги решаваат сите наши проблеми. Нефрлањето ѓубре на јавни простори е типичен таков аспект. За да си го собираме ѓубрето и да не продуцираме повеќе ѓубре отколку што е неопходно, потребен е колективен напор. Тој колективен напор всушност треба да биде содејство на институциите и секој од нас.

Сметајќи се себеси за демократ и приврзаник за слободата, на темата „ѓубре и чист воздух“ убеден сум дека треба да воведеме перманентен „полициски час“. И за двете предложени теории, онаа за скршените прозорци и онаа за нашата недоверба кон државата и сето останато што е надвор од нашиот дом, постојан решенија кои се ефикасни и делотворни. 

Во урбаните средини можеби може да помогне подигање на свеста преку шок-терапија. Иницијативата за чистење на Клиничкиот центар беше добар пионерски чекор. Тука медиумите мора да помогнат и да направат меѓусебна коалиција на темава. Може да се вика „Медиумска коалиција за град без ѓубре“ и секојдневно би имало прилози за позитивни и негативни примери за фрлањето ѓубре. Секој граѓанин може да биде полицаец за ѓубре кој ќе може да напише на ФБ или Твитер и да пријави дека видел човек што фрлил ѓубре на непрописно место. Да го опише ликот и времето на фрлањето на ѓубрето, облеката на фрлачот и опис на ѓубрето, секако без слика и идентитет на ѓубреманот. И да постира. Општината може да додели сертификати или лиценци на волонтери, „полицајци за ѓубре“. Секој полицаец за ѓубре да носи со себе некаков гаџет (свирче, мегафонче, записник) за да може да го предупреди евентуалниот фрлач на ѓубре или да ги замоли оние кои евидентно поседуваат ѓубре (седат на трева и јадат и пијат, пушат на клупа итн.) и љубезно да ги потсети да си го фрлат ѓубрето по завршувањето на сеансата. Ова би биле полу-официјални лица лиценцирани од градот кои со љубезна насмевка и фини зборови би ги вбризгале отровните стрели во нашите ѓубремани. Потоа, детска полиција за ѓубре. Замислете дваесетина дечиња од претшколска или рана школска возраст, облечени во зелени елеци и гумени ракавици, како тргнуваат да го чистат Градскиот парк во прајм тајм за време на сончев викенд. Паркот е полн со родители, деца и ѓубре. Едните играат, се забавуваат и патем го фрлаат ѓубрето каде ќе им текне, а другиве организирано го собираат. Замислете ги вработените кои се грижат за чистотата во градскиот парк како одат од клупа до клупа и им се обраќаат на посетителите со следнава реченица: „Добар ден добри луѓе, јас се грижам паркот да ни биде чист и да нема ѓубре. Секое утро станувам во 4 часот за да бидам во 5 часот на работа и да го исчистам ѓубрето од младите што претходната ноќ пиеле и се забавувале во паркот. Знаете ли дека кога сите би си го фрлале ѓубрето во корпи за отпадоци, паркот би бил многу почист а јас наместо тоа би можел да полевам трева, да ги кастрам дрвјата, да засадам нови цвеќиња или да направам нови патеки за шетање?“. Не познавам таков ѓубреман кој не би се засрамил од ваквиот пристап на чистачот од градскиот парк.

Ѓубрето е во нас, да се обидеме да го исфрлиме на прописно место! Со љубезна насмевка или со казна, сеедно е веќе.