1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Социјален студ на пазарот на домувањево Европа

Ралф Бозен
21 март 2018

Јазот меѓу богатите и сиромашните на европскиот пазар за домување се зголемува а со тоа се зголемува и бројот на бездомници, констатира една нова студија. И Германија е, исто така, погодена - поради повеќе причини.

https://p.dw.com/p/2uhUl
UK Obdachlos
Фотографија: picture-alliance/Photoshot

Тие може да се видат речиси насекаде во градовите ширум Европа: бездомниците се принудени да живеат на улицa, честопати покривајќи се со вреќи за спиење. Единствената заштита што ја имаат против ладниот бетон на градските тротоари често е термалната подлога, иако многумина воопшто ја немаат и наместо тоа користат весници или картони. За нив, дождот, снегот и континуираните температури под нулата ширум Европа се аспект на секојдневието, кој е опасен по живот. И проблемот се влошува - бројот на бездомници или раселени лица во Европа порасна во последните неколку години.

Европската федерација на национални организации кои работат со бездомници (ФЕАНТСА) го потврди тоа во неодамна објавениот трет преглед за исклучување од домување во Европа. Шокантен податок од студијата е дека социјалната криза се влошува и јазот меѓу богатите и сиромашните расте сѐ повеќе.

Експлозија на цените

Во текот на изминатите неколку години, во секоја земја во Европа - со исклучок на Финска - е забележано драстично зголемување на бројот на бездомници, како и на трошоците за домување. Земји кои имаа најдраматични зголемувања на трошоците за домување се Бугарија, Англија, Португалија, Чешка и Полска. Ситуацијата, исто така, е влошена во една земја која е прочуена по тоа што има добар и функционален систем за социјална заштита: Германија. Според студијата ФЕАНТСА, околу 860.000 луѓе во Германија биле бездомници или немале место за живеење во 2016 година. Тоа укажува на зголемување од 150 проценти помеѓу 2014 и 2016 година.

Symbolbild Armut - Flaschensammler
Фотографија: picture-alliance/dpa/W. Steinberg

Околу половина од домаќинствата со ниски приходи во Германија трошат повеќе од 40 отсто од својот приход за домување. Само во две други земји, Бугарија и Грција, граѓаните трошат повеќе за да имаат покрив над глава. Германија е меѓу оние земји во кои постои најголема нееднаквост кога станува збор за пристапот до домување. „Особено е шокантно што една земја богата како Германија е меѓу оние со највисоки стапки на исклучување од домување", соопшти директорот на ФЕАНТСА, Фрек Спиневијн.

Повеќе: 

-Половина плата за станарина

-Ситуацијата со станови во Германија е драматична

Драматичен пораст на бројот на бездомници во Германија

„Со години гледаме намалување на  бројот на социјални станови во Германија и тоа доведе до исчезнување на поволни опции за домување“, вели Томас Шпехт, директор на Федералната работна група за помош на бездомници (БАГ), за ДВ. Според него, севкупно побарувачката за станови се зголемила поради приливот и преструктуирањето особено во метрополите. И тоа предизвикало експлозија на цените. 

Покрај тоа, како што вели Шпехт, во последните години е многу малку сторено за рамковните услови за изградба на станови“. Пред сѐ младите луѓе со мали примања се посебно погодени. Затоа Шпехт бара програми за изградба на социјални станови и упатува на Финска, како позитивен пример. Таму постои специјална програма која е финансирана од различни извори, кон што припаѓаат и донации и субвенции добиени од игрите на среќа и лотаријата.

За првпат бегалците во статистиката

Меѓутоа во малата земја досега се изградени осум до 10 илјади станови. Моделот тешко може да се префрлу врз поголеми земји како што е Германија, каде побарувачката не може едноставно да се финансира со специјални програми, туку  потребни се сеопфатни мерки за влијание врз пазарот. Но во основниот постулат дека сите луѓе треба да бидат обезбедени со станови, Финска е предводник. 

Deutschland Flüchtlinge kommen an der ZAA in Berlin an
Фотографија: Getty Images/S. Gallup

Фактот дека германските бројки толку многу се искачиле, истражувачите го објаснуваат и со тоа што за првпат во пресметките се вклучени и бегалците. Томас Шпехт смета дека во статистиките се влезени и 440 илјади бегалци, зашто повеќето од нив немаат договор за изнајмување на живеалиште и привремено живеат во домови и колективни центри.  

Канцеларката Меркел има обврска да се справи со ситуацијата

Јасно беше дека бегалската проблематика ќе предизвика последователни проблеми и на пазарот на недвижности, истакнува Шпехт. Без вклучувањето на бегалците бројот на луѓе без стан и бездомници во периодот меѓу 2014 и 2016 година е пораснат за 25 проценти, имено од 335 илјади на 420 илјади лица а не на 860 илјади како што стои во истражувањето. 

Шефот на ФЕАНТСА Фреек Спиневијн смета дека оваа тема е обврзувачка за новата голема владина коалиција во Германија на чело со Ангела Меркел. „Дотолку повеќе состојбата со домувањето и бездомништвото треба да добие приоритетен статус, за да се забави оваа темпирана бомба“.