САД: Афроамериканците и натаму посиромашни, поболни...
5 јуни 2020„Сакам да знаете дека сте важни“, им порача поранешниот американски претседател Барак Обама на младите Афроамериканци. „Сакам да знаете оти вашиот живот е важен, дека вашите соништа се важни“, им порача Обама во видео обраќањето на демонстрантите во средата вечер. Тие не запираат со протестите чиј повод е полициското насилство кое кулминираше со смртта на Афроамериканецот Џорџ Флојд. Многу Афроамериканци во САД не веруваат дека се важни и оти можат да ги остварат своите соништа. На масовните протести со луѓе од сите бои во игра е многу поголем залог од полициското насилство. Се работи за укинување на расизмот и од него резултирачката социјална нееднаквост. Но, зарем повеќедецениската дискриминација не е надмината?
Од усвојувањето на Законот за граѓански права од 1964 година, црните Американци се изедначени со белите, а „расната сегрегација“ стана нелегална. Многу програмни иницијативи под називот „Афирмативна акција“ требаше да ги компензираат недостатоците со кои се справува црната популација во земјата, на пример, резервирањето места за студирање. Но, до денес белата мнозинска популација во САД во просек е побогата, пообразована и поздрава.
Една четвртина приходи помалку
За време на изминатите 10 години„медиан“ заработката (средна статистичка вредност) за афроамериканското население во САД изнесува од 20 до 25 насто помалку од приходите кои ги остваруваат белците. Причината не е тоа што постојат супер богати белци како мултимилијардерите Бил Гејтс или Џеф Безос. Таканаречениот „медиан“ додаток покажува колку има домаќинства со над или под средно ниво на заработка.
Повеќе:
-Протести во САД: „Америка се распарчува сама себеси“
-Протести во САД: „Луѓето се чувствуваат безнадежно и беспомошно“
-Доналд во стапицата на трампизмот
Само мал број Афроамериканци од сиромашните семејства успева да ја избегнат оваа ситуација - 50 отсто помалку Афроамериканци, чии родители според заработката се на долната скала, успеваат да се префлрат во групата со повисока заработка во однос на децата белци. Тоа го покажа истражувањето на институтот Брукингс. Зошто е тоа така, иако се укинати законски разликите и нееднаквоста?
Структурен расизам
„Постои цела низа закони и правни пракси кои имаат негативно влијание на Афроамериканците отколку на останатите групи од населението“, вели Кристија Ламерт, политиколог од Институтот Џон Ф. Кенеди на Слободниот универзитет во Берлин. „Тоа вклучува спроведување на законот, образование и здравствена заштита.“ Овој структурен расизам има долга традиција во САД, вели Ламерт. Кога владата во 1935 година вовела социјално осигурување, не ги вклучила земјоделските работници, послугата и привремено вработените. Сите овие биле професии со мали примања во кои црнците биле несразмерно многу позастапени.
Ламерт како актуелен пример го истакнува Законот за борба против уживање на наркотици. „Во престапите поврзани за дрога која примарно се конзумира црнците се казнуваат многу построго отколку што е тоа случај со дизајнерските дроги, кои претежно се користат на Волстрит.“ Ова е важна причина поради која кај афроамериканското население постои трипати поголема веројатност дека ќе завршат во затвор отколку кај белците - што влијае на образовните можности и во напредување во кариерата.
Социо-економски ѓаволов круг
Ситуацијата е слична и во здравствената политика - во САД не постои јавно здравствено осигурување. Само оние кои добро заработуваат или кои имаат фер работодавачи се здравствено осигурани. Во 2018 година, според студијата на Фондацијата Каисер Фемили, 11,5 насто Афроамериканци немале здравствено осигурување. Кога се во прашање белците- 7,5 насто од нив не се здравствено осигурани. Покрај тоа, американскиот здравствен систем е меѓу најскапите во светот.
До две третини лични банкротства во САД се последица од трошоците за здравство, а црните Американци тоа ги погодува повеќе од белите.Иако „расната сегрегација“ е службено забранета, таа и натаму постои. Афроамериканците и натаму често живеат во заедници без белци, а белците само со белци. „Здравствената заштита многу е полоша во заедниците со црно население отколку во заедниците со претежно бело население“, објаснува Ламерт.
Ситуацијата е слична и во училиштата. „Факт е дека квалитетот на наставата во афроамериканските населби е значително полош отколку кај белците. Поради тоа, шансите на Афроамериканците на пазарот на труд се помали“, вели Ламерт. Разликите во заработката меѓу етничките групи во САД се истовремено и причина и последица од нивната полоша положба во општеството.
Понизок животен век
Но, домувањето, здравството и образованието се поврзани на други начини, вели Ламерт: „Црното население честопати живее во области со високо ниво на загадување на воздухот, каде можат да купат помалку здрава храна, а честопати јадат и замрзната брза храна“. Ова е главната причина зошто тие се поподложни на хронични заболувања. Возрасните Афроамериканци страдаат од дијабетес речиси двојно повеќе од белците. Стекнатиот облик на дијабетес тип 2 - кој е присутен кај околу 95% од дијабетичарите - обично настанува како последица на неправилна исхрана и зачестено се јавува кај необразованите и сиромашни слоеви на население.
Во просек, полошата здравстена состојба се рефлектира во понизок животен век: Според официјалните податоци на Националниот центар за здравствена статистика, здравствената состојба на белците е подобра од онаа на Афроамериканците и просечниот животен век на белците е четири години подолг. Во пандемијата Ковид-19, поради полошото здравје, послабата здравствена заштита во нивните населби, или едноставно затоа што не можат да си дозволат да не одат на работа - умираат натпропорционално повеќе Афроамериканци отколку белци.