Сочи во пресрет на отворањето на ЗОИ
7 февруари 2014Во 20.14 часот (17.14 часот СЕВ) - времето на часовникот симболично укажува на 2014 година - започнуваат XXII Зимски олимписки игри. Речиси 2900 спортисти од 88 земји ќе учествуваат на Игрите. Спортската манифестација ќе трае две недели и ќе бидат доделени медали во 98 дициплини - дванаесет повеќе отколку на последните Олимписки игри во Ванкувер.
Зимските олиписки игри во Сочи чинат 37,5 милијарди евра и се најскапите Игри на сите времиња. Поради повеќе терористички напади пред почетокот на ЗОИ во руското одморалиште се спроведуваат огромни мерки на безбедност.
Критика за состојбата со човековите права во Русија
Но, не само рекордните инвестиции и односот на Русија кон хомосексуалците и обвинувањето за искористување на привремените работници, кои ги изградија олимписките објекти, предизвикаа негодувања. Од протест голем број познати личности повикаа на бојкот. Американскиот претседател Барак Обама, францускиот претседател Франсоа Оланд и германскиот претседател Јоахим Гаук нема да отпатуваат во Сочи.
Соништа за златни медали
Од Германија на Зимските олиписки игри ќе учествуваат 153 спортисти. Како носач на знамето натпреварувачката во алпско скијање Марија Хефл-Риш ќе ја воведе германската делегација во олимпискиот стадион. Хефл-Риш, натпреварувачите со боб-санки, меѓу кои е и Феликс Лох, и Ерик Френцл, кој се натпреварува во нордиска комбинација, се големите надежи за златен медал во Сочи.
Германскиот олимписки спортски сојуз се надева на 27 до 42 медали. Во Ванкувер германскиот тим освои 30 медали и беше втора нација по бројот на освоени медали.
Македонија на ЗОИ ќе има тројца натпреварувачи: Антонио Ристевски во алпско скијање, односно Дарко Дамјановски и Марија Колароска во нордиско скијање.
Колароска, која дебитира на зимските олимпијади, со своите 16 години ќе биде една од најмладите учеснички на Игрите. Таа во Сочи, ќе настапи со Б олимписка норма. Дамјановски по трет пат ќе биде дел од ЗОИ. Тој настапи и во Торино во 2006 и во Ванкувер во 2010 година. Дамјановски ќе настапи со А олимписка норма.
Игрите во Сочи ќе бидат втори во кариерата за алпинецот Ристевски. Тој беше учесник и на ЗОИ во Ванкувер пред четири години. Исто како и Дамјановски и тој во Сочи ќе настапи со А олимписка норма.