Сочи - Путиновата ледена Олимпијада
27 декември 2013Сѐ мора да биде подготвено на време, во никој случај не смеат да се случат непредвидени работи, Олимписките игри би требало да бидат нешто како крунисување на владеењето на Путин. „Секако дека ќе бидат тоа пропагандни Игри“, вели Јенс Зигерт од московската канцеларија на германската фондација Хајнрих Бел.
Пропаганда во Сочи?
Зигерт веќе со години од непосредна близина ги следи руските олимписки подготовки: „Игрите ќе се искористат со цел да се претстави во што е можно подобро светло политиката на Путин и самиот Путин.“ Но, како што покажуваат последните недели, не може сѐ совршено да се испланира, полека пристигаат и непријатни вести од светот, вести кои би можеле да го засенат сјајот на Олимпијадата во Сочи.
По германскиот председател Јоаким Гаук, патот во Сочи го откажа и францускиот државен шеф Франсоа Оланд. На Путин тоа сигурно не му се допаѓа. Ни Гаук ни Оланд, иако официјано не соопштија која е причината за откажувањето, меѓу редови може да се почувствува дека тоа би можело да е поврзано со општата состојба на човековите права во Русија, конкретно тоа би можеле да бидат руските закони против хомосексуалците.
Многу појасна беше европската комесарка Вивиен Рединг: „Сигурно нема да патувам во Сочи сѐ додека руската влада на овој начин ги третира малцинските права.“
Итриот маневар на Обама
За поелеганта форма на откажување на патот во Сочи се одлучи американскиот претседател Барак Обама. Неговата влада во Русија нема да испрати високорангирани политичари. Дипломатски се додава оти тоа и онака не било планирано и оти Обама има многу проблеми со службените термини.
Иако шефот на Белата куќа ниту со еден збор не ја критикуваше Русија или состојбата на човековите права во земјата, пораката на Обама е јасна: „Вашингтон на церемониите на отворањето и на затворањето на Зимските олимписки игри праќа поранешни спортисти кои јавно се декларирани како- хомосексуалци. Луѓе како поранешната врвна тенисерка Били Џин Кинг која веќе одамна се залага за правата на геј-популацијата и која во Сочи сигурно нешто ќе каже и за руските „анти-хомосексуални“ закони.
Прашање е само дали нејзините пораки ќе допрат до руското население. „Тие закони овде во Русија се многу популарни и голем број луѓе ги сметаат за правилни“, вели Јенс Зигерт од фондацијата Бел. Затоа и многу Руси, додава тој, воопшто не можат ни да сфатат дека критиките на сметка на забраната на јавниот живот на геј-заедницата се сериозни: „Луѓето тука веруваат дека зад тие критики стојат други мотиви, имено намерата Русија да се држи мала, за да не растат влијанието и моќта на Русија.“
„Чудни“ странци
Зигерт поаѓа од тоа дека на Зимските олимписки игри спортистите и посетителите кои се хомосексуалци нема од што да се плашат. Иако владата е анти-геј расположена, тој не очекува напади врз хомосексуалците или нивни апсења: „Мислам оти од горе ќе дојде јасна наредба тие луѓе да се остават на мира!“ Во Сочи сигурно ќе се толерираат дури и „истополните“ бакнежи и прегратки, додава овој Германец: „Во Русија сега се зборува дека за време на Игрите ќе се замижи со едното око затоа што, ете, тие странци се чудни и затоа што сепак се работи за угледот на Русија.“
Шефот на московската канцеларија на фондацијата Бел ги предупредува руските и странските активисти Сочи да не го користат за сцена за јавни протести- и потсетува на апсењето на 30-те активисти на Гринпис, кои пред три месеца протестираа против нафтените дупчења во морете на Арктикот. Со апсење и долготрајна казна затвор на активистите, Кремљ сакаше да им порача на странците дека нема да ги толерира протестите во Сочи и околу него, порачува Зигерт.
Спортот е спорт, политиката е политика
Андреас Шокенхоф, пратеник на Владејачката Христијанско демократска унија ( ЦДУ) во Бундестагот и координатор за германско-руската општествена соработка, смета оти протесните акции на Олимписките игри и онака се погрешно средство на погрешно место. Оној кој сака нешто да промени во политиката, тој мора да делува долгорочно, смета Шокенхоф и додава дека треба да се одберат и вистински партери: „Олимписките игри најпрво се спортска забава, која не би требало да се оптовари со политички прашања.“
Границата меѓу спортот и политиката во Сочи сепак би можела да биде и многу појасна отколку што тоа ќе им се допадне на домаќините во Русија. По откажувањето на посетата на Вашингтон, Берлин, Париз и Брисел, и во другите главни градови сѐ посериозно се дискутира за тоа кој на 7. февруари би требало да допатува во Сочи, а кој не. Зимските игри на Путин би можеле да станат политички ледени игри.